Ако си спортски директор, јануарскиот преоден рок често знае да те фати во небрано, па официјалниот deadline (временскиот рок) да те притиска заедно со желбите на тренерот. Во јануари 2013. година, Антонио Конте на цел глас бараше нов напаѓач. Неговиот тим сигурно галопираше кон титулата и осминафиналето од ЛШ таа сезона. Старата дама во составот тогаш ги имаше Матри, Вучиниќ, Џовинко, Кваљарела и Бендтнер.
Повредата на Данецот, кој дојде летото 2012. на позајмица во Јуве беше причина Конте да бара замена за него, иако Бендтнер не играше ни кога беше здрав. Лисандро Лопез беше близу Јуве, но преговорите пропаднаа и торинскиот клуб се фокусираше на Николас Анелка, човекот кој ја смени верата и 11 клубови во кариерата.
Роден 1979. година, Анелка дојде во Јуве како поранешен фудбалер на ПСЖ, Арсенал, Реал Мадрид, Ливерпул, Манчестер Сити, Болтон, Фенербахче и Челси. Французинот не размислуваше многу, веднаш ја прифати понудата и го раскина договорот со кинескиот Шангај Шенуа, екипа за која Анелка одигра околу 20 меча во кинеското првенство. Договорот со Шангај за една година требаше да му донесе 12 милиони евра, но тој реши да продолжи во Јувентус. Во Шангај кратко играше заедно со Дидие Дрогба.
Напаѓачот потпиша со Јувентус во последните денови од јануарскиот преоден рок, а црно-белите го договорија до крајот од сезоната, на пет месеци. Анелка на Јувентус Арената дојде физички недоволно подготвен, па Конте му даваше шанса само „на лажичка“. Анелка играше 4' минути против Селтик во ЛШ, потоа 19' минути против Рома и 22 минути на 8. мај против Аталанта, кога Јуве веќе ја осигура титулата.
Тоа беше петта титула во неговата кариера, без многу да игра во тие пет месеци колку што беше во Јувентус. За навивачите на Јуве, сепак, ќе остане амајлија, затоа што кога и да беше Анелка на клупата (а беше секогаш), Јувентус победуваше. Пред Јувентус, Анелка освојуваше титули и со Арсенал (1998), Челси (2009 и 2010) и Фенербахче (2005).
На крајот од сезоната, Старата дама не продолжи договор ниту со Бендтнер, ниту со Анелка, а нападот подоцна го засилија Карлос Тевез и Фернандо Љоренте.