Во 68-та минута од мечот при резултат 1:1 и со претходно обезбеден пласман во осминафинале, на аут линијата беше забележан Том Хитон како се смешка, а причина за тоа е што беше пресреќен и воодушевен што беше повикан да влезе во игра.
Прв голман на Манчестер Јунајтед е Давид Де Хеа, а синоќа меѓу стативите стоеше Дин Хендерсон. Но тој не се повреди, туку тоа беше само тренерска одлука на Ралф Рагник да му даде шанса да го извади од игра и на нешто повеќе од 20 минути до крајот да му даде шанса на третиот голман.
Хитон кој го носи бројот 22, влезе и доби овации на Олд Трафорд, а за овој преубав момент замислете сонувал уште од 2002-ра. Тоа е годината кога стапнал во клубот, а неговите соиграчи кои влегоа синоќа како Менги, Шортир, Икбал и Севиџ не ни биле родени тогаш.
Хитон се калел во школата на Јунајтед, а потоа го праќале на позајмици за во 2010-та да го напушти клубот и да брани за Кардиф, Бристол Сити, а потоа да заигра во Премиер лига со Барнли и Астон Вила. Едноставно морал да си го бара чарето бидејќи го јадела конкуренција.
Но судбината била таква, дури по две децении, на 35 годишна возраст да дебитира за Манчестер Јунајтед и тоа во Лигата на шампиони, благодарение на германскиот стратег.
„Се почувствував одлично. Знаете, играњето на Олд Трафорд пред толку публика секогаш носи одлично чувство. Отсекогаш уживав кога доаѓав овде како гостин, но кога го облеков домашниот дрес, моето прво натпреварувачко деби ми донесе брилијантен момент. Ја сакав секоја минута.
Бев на клупата неколку пати, одиграв неколку пријателски натпревари и ја донесов вистинската одлука да заминам за да играм. Секој потег што го направив беше да одам некаде за да играм. Кога се вратив тука, тоа не се промени и знам дека треба да бидам трпелив, бидејќи голманскиот оддел е фантастичен“, изјави Хитон.
Навивачите беа воодушевени од одлуката на Ралф.
Роби Севиџ заплака за дебито на син му