Што е со одбраната?
Одбранбената линија на Барса сите ја викаат најслаба точка по заминувањето на Карлос Пујол во пензија. Барса прима гол речиси на секој натпревар, а на последните 6 меча примиле 10 погодоци.
Додека напаѓачите решетаа и рушеа рекорди, со нив активно играше и Жерар Пике. Сите знаат колку тој може да биде корисен напред, но сега еднакво толку е одговорен за тоа што се случува позади. Така на пример на Ел Класико се задржуваше на противничката половина, а потоа немаше време да се врати назад.
Таму секако е Хавиер Маскерано, но Аргентинецот не е доволен сам да ги решава контранападите на противниците. Маскерано има 31 година, игра готово без промена, за разлика од Пике кој неприфатливо долго време минува на Твитер во размена на престрелки со Алваро Арбелоа. Дури и Пујол го советуваше пред некое време да стави крај на таа игра на ретвитови.
Чудно се однесува и Дани Алвеш, кој снимал видео со женски перика веднаш после поразот од Атлетико во Лигата на шампионите. Десниот бек на Барса не изгледаше премногу вознемирен од испаѓањето во ЛШ, па затоа го седнаа на клупата за резерви.
Бразилецот сака да изненади со светлуцкави, кичести и необични фризури и одела, но овој пат престапот му беше сосема неприкладен.
На левата страна не е импресивен ниту Жорди Алба, кој трча бесцелно и дава многу неточни пасови и центаршутеви. На мечот против Валенсија имаше неколку успешни продори заедно со Меси по левата страна, но неговата успешност во додавањата и натаму е ниска.
Најлошо во ситуацијава е тоа што Луис Енрике има недостиг на адекватни резервни решенија во одбраната. Секако дека Серџи Роберто е универзалец, но само тој.
Жереми Матје би бил корисен, но повреден е и генерално е една година постар од Маскерано. На останатите стопери скоро и да не се смета: Вермален тренира и ужива во животот во Барселона, Даглас ни сам не знае кога е пријавен за настап кога не, а Бартра и Адријано живеат од еден преоден рок до друг.
Што се случува со Меси?
Лионел до вчерашниот меч не даде гол на 5 меча и тоа на фудбалскиот свет му изгледаше како вечност. Против Лилјаците синоќа Аргентинецот го постигна 500-от гол во кариерата, а 450-ти за Барса, но извесно е дека и кај него има благ пад на формата.
Не случајно формата на Меси се совпаѓа со слабите резултати на Блауграна. Иниесте, Нејмар и Суарез имаат право на слаб натпревар, но играта на Барселона зависи во најголема мера од состојбата на Аргентинецот. Шпанските медиуми на големо пишуваа дека пред патувањето на Меси со репрезентацијата на Аргентина имал проблем со мускулите, но клубот ги демантираше овие тврдења.
Во последните неколку меча беше јасно дека напаѓачот делува малку незаинтересирано. Меси и натаму има важна улога во нападот на Барса и создава многу шанси, но реализацијата не е како неодамна.
Зошто триото МСН престана да решета?
Триото Меси-Суарез-Нејмар на последните шест меча даде шест голови, што е чудно имајќи ги предвид претходните фантастични настапи. Еден гол по натпревар во просек е сосем малку за пеколната тројка. Претходно толку даваа на еден натпревар, а сега не може да дадат гол (против Сосиедад 1:0 и против Алтетико 2:0).
Нејмар даде од пенал против Виљареал, Суарез два дома против Атлетико во ЛШ а Меси имаше негативен рекорд од 5 средби без погодок до вчера кога ја затресе мрежата на Валенсија.
Падот на главното трио на Барса може делумнода се објасни со репрезентативните натпревари кои ги сменија плановите на Луис Енрике кој нема џокери.
Од таа причина, претседателот Жосеп Мариа Бартомеу изјави дека Нејмар ќе треба да бира летово дали ќе игра на ОИ во Рио или на Копа Америка. „Играчите на ова ниво мора да се одмораат повеќе. Нејмар ќе одлучи сам, а ние инсистираме да игра само на еден турнир летово".
Кој може да ја измени играта на Барселона?
Последните натпревари покажаа дека Каталонците ги губат средбите во првото полувреме. Така на мечевите против Реал Сосиедад 0:1, Атлетико 0:2 и Валенсија 1:2, примаа голови во првиот дел и не успеаа да се вратат.
На дуелите против Виљареал (2:2) и Реал Мадрид (1:2), Барса имаше водство но не го сочува. Зошто Луис Енрике не го смени текот на играта на полувремето? Се ипостави дека средината не игра како што треба, посебно Бускетц.
Светла точка беше замената на Ракитиќ со Арда Туран на Класико и тандемот Рафиња-Туран против Сосиедад. И покрај тоа општ впечаток е дека Арда Туран, а посебно Алеш Видал уште до крај не сфатија каков фудбал игра Барселона. По дуелот со Валенсија, Луис Енрике изјави: „Ќе беше неправедно да менувам играчи, затоа што играа подобро од противникот. Ова е моја одлуга и ја прифаќам одговорноста.
На крај од краиштата кој би влегол во игра? Мунир? Љубителот на женски перики Дани Алвеш? Бартра? Адријано? Видал? Или можеби Даглас?
Што ќе биде понатаму?
До крајот останува борба за титулата во Ла Лига и подготовка за финалето на Копа дел Реј со Севиља. Сезоната сигурно не е завршена. Тројната круна отпадна како опција, но за преостанатите два трофеи и натаму се големи шансите.
Финалето на Купот ќе се одржи за еден месец, Барса ќе има време да се опорави до тогаш. Атлетико има 76 бода колку што има и Барса на табелата. Реал има бод помалку, но мадридските екипи ќе бидат ангажирани и на фронтот ЛШ, каде играат против Сити односно Баерн Минхен.
Каталонците загубија голема предност, но и натаму сè зависи од нив самите. Ако тимот на Луис Енрике е во состојба да освои 15 бода од средбите со Депортиво, Спортинг Хихон, Бетис, Еспањол и Гранада - ќе бидат шампиони. Нивните конкуренти за титулата имаат посериозни противници во Ла Лига.