Главите на сите им беа надоле. Играчите зјапаа во подот на соблекувалната, длабоко во утробата на Ататурк стадионот. Ја немаше ни галамата на 50.000 навивачи на Ливерпул.
Играчите седеа обесхрабрени и очајни. Не можеа да сфатат што се случи и како дојде до тоа. Губеа со 0:3 на најважниот натпревар во нивните животи и не можеа да разберат каде згрешија.
Постојат две страни на менаџирање со екипа. Една е тренирањето на фудбалери, подобрување на нивната кондициона состојба и техника и учење да ја прифатат твојата тактика. Другата е да ги убедиш дека што и да се случи, колку и да е страшна ситуацијата, ти мораш да имаш одговор. Мораш да ги убедиш дека имаш план.
Ги тренираш нивните тела, но ги тренираш и нивните умови.
Немав подготвено долг говор за фудбалерите. Моите забелешки за играта беа само една порака, само еден збор. Беше напишан на шпански.
"Lucharlo!" (бори се)
Додека чекорев во тунелот накај соблекувалната, планирав што ќе им кажам на играчите и како тоа да им го кажам на англиски за да можат да ме разберат.
Можев да приметам како играчите очекуваа од мене надеж и инспирација. Многу беше важно да останат смирени и да им ја вратам самодовербата. Не смеат да помислат дека е готово.
Зборовите лесно ми доаѓаа, дури и на друг јазик.
„Немаме што да загубиме. Опуштете се и можеме да дадеме гол. Ако дадеме гол тогаш се враќаме во игра. Мораме да се бориме. Им должиме на навивачите. Ние сме Ливерпул. Вие играте за Ливерпул. Не го заборавајте тоа."
„Дајте си шанса да станете херои."
Им ги објаснив тактичките промени. Кара лево, Хипија во средина, Финан десно. Хаман и Чаби Алонсо пред нив. Моравме да ја стесниме играта, да играме компактно и да одиме напред. Со тоа ќе ги натеравме фудбалерите на Милан да играат со долги додавање и затоа ги предупредив дефанзивците.
Кога завршив со зборење докторот ме повика на страна. Тој го масираше Финан и ми кажа дека нема да издржи 45 минути.
Имавме уште само две минути пред фудбалерите да се вратат на терен, но без Финан ни се отворија проблеми по десната страна. Дури и во тој момент знаев дека не смеам да бидам нервозен. Не можеш да биде фокусиран кога си нервозен.
Размислив неколку секунди и го сменив планот. Финан мораше да излезе. Кара се префрли на десно, а Траоре на лево. Шмицер не е природен крилен играч, но мораше да игра широко по десната страна.
„Навивачите се со нас", им реков на фудбалерите кои се движеа кон вратата. Од надвор можеа да се слушнат 50.000 луѓе како ја пеат химната "You'll Never Walk Alone" и покрај болката од првото полувреме.
Знаевме колку навивачи допатуваа. Можевме да ги забележиме сите дресови на Ливерпул на трибините. Знаевме колку долго патувале и знаевме дека мора да се бориме за нив.
Фудбалерите се наредија и тргнаа кон вратата, кон тунелот, кон теренот, кон историја.