Што разбравме од новиот формат на Лига на шампиони?

Прво, основно и фундаментално. УЕФА се намерачила од сегашните многу пари, да прави уште повеќе пари, бидејќи од оваа сезона ќе се играат дури 64 натпревари повеќе. И после зошто се повредувале многу играчите.

Не сме нешто ќеифлии што го сменија форматот на Лига на шампиони, како и на пренатрупаниот распоред генерално во овој таканаречен модерен фудбал, преполн со еден куп натпреварувања во европски и светски рамки. Тема на која критикуваше и Анри.

Не е нормално 7 дена во неделата да има фудбал. Треба да се има време и за други спортови. Порано се знаеше. Во понеделник се гледаше спортски преглед, од типот на Телеспорт со Зоран Михајлов, а лигите не се играа ниту во петок.

Изданието број 70 кое прво почна да се вика Куп на Европски Шампиони, а веќе 33 години е познато како Лига на шампиони, од оваа година ќе се игра во целосно нов формат без едноставниот концепт со 32 екипи сместени во 8 групи.

Да фрлиме око како изгледа новиот концепт:

- Бројот на клубови е зголемен од 32 на 36.

- Сите учесници формираат една лига.

- Секој клуб ќе одигра по 8 натпревари против 8 различни противници. Четири дома, четири на гости.

- Седмото и осмото коло ќе се играат во јануари. До сега имаше 6 кола и групната фаза завршуваше пред нова година.

- Првите 8 клуба на табела одат директно во осминафинале.

- Оние од 9. до 24. место ќе играат бараж за преостанатите осум места по што ќе се добијат 16 екипи за во осминафинале.

- Останатите екипи испаѓаат.

- Наместо досегашните 125, ќе се играат вкупно 189 натпревари.

- За прв пат, само во прво коло ЛШ ќе се игра и во четврток.

1. коло: 17–19 септември 2024
2. коло: 1–2 октомври 2024
3. коло: 22–23 октомври 2024
4. коло: 5–6 ноември 2024
5. коло: 26–27 ноември 2024
6. коло: 10–11 декември 2024
7. коло: 21–22 јануари 2025
8. коло: 29 јануари 2025

Осминафинале: 4–5 и 11-12 март 2025    
Четвртфинале: 8–9 и 15–16 април 2025
Полуфинале: 29–30 април и 6-7 мај 2025    
Финале: 31 мај 2025 на Алијанц Арена во Минхен
          

Три работи се сигурни, дека има повеќе фудбал, повеќе приходи за УЕФА, како и поголем замор кај фудбалерите. За квалитетот и шмекот ќе почекаме до мај. Трофејот го брани рекордерот Реал Мадрид кој брои 15 трофеи.

17 септември 2024 - 10:07