Што не штима во управата на Барса и кој е лидер на опозиција?

Најтешкото лето во современата историја на Барселона значително ја ослабна позицијата на претседателот на клубот Жозеп Бартомеу на кого му се остри опозицијата. Во Барселона на големо се собираат потписи за референдумско прашање за недоверба кон првиот човек.

Кризата во Барселона трае подолго отколку што мислиме и не е само за коментари на интернет, туку води кон сериозен политички процес - денес навивачите на Барселона потпишуваат петиции за изразување недоверба кон Бартомеу. Фактички тоа би значело оставка за целото раководство на Барса.

Кој цели на местото претседател на Барселона?

Главен опозиционер е Аугусти Бенедито (53 години). Тој е роден во Барселона и до почетокот на 2000-те управувал со крупен семеен автомобилски бизнис. Денес Аугусти раководи со компанија која што им помага на каталонските претприемачи во освојувањето на странски пазар (воглавном Латино-американскиот). Така што има пари и управувачко искуство.

Како и многу Каталонци, така и Бенедито Аугусти во младоста се вљубил во тимот на Јохан Кројф. Единствен проблем бил што претприемништвото никогаш не му давало време да оди на стадион, иако тој цел живот бил околу клубот.

Бенедито почнал со скромно младинско движење коешто барало од шефовите на Барса целосна транспарентност а во 1998 година му се придружил на Жоан Лапорта во проектот Elefant blau, чијашто главна цел била да се изгласа недоверба на тогашниот претседател Жозеп Нуњес.

Но тогашниот прв човек на Барса кој во тој момент правел јубилеј 20 години шеф на клубот, без проблеми се справил со надворешните закани и останал претседател до 2000-та. Фамозниот Лапорта стана претседател на Барселона веќе на следните избори во 2003-та. Агусти бил еден од дискретните хероји во таа претседателска кампања, помогнал во разработка на целиот пакет реформи за клубот чија цел била транспарентност и засилена власт на социосите (членовите на клубот, навивачите).

После победата на тие избори, Бенедито влегол во две профилни комисии - за спорт и за социјални активности во Барселона, но со текот на времето неговиот однос со Лапорта се влошувал.

Во 2009 година Агусти дал оставка и веднаш рекол дека ќе се бори за власта во Барселона за конечно да го направи тоа што сака. На првите избори изгубил од Сандро Росел и бил второпласиран (14% гласови), а во 2015-та завршил трет на изборите за претседател на Барса (зад Бартомеу и Лапорта, со 7% гласови).

Бенедито бил најрадикален кандидат. Водел крајно жестока анти-катарска реторика, се залагал за раскинување на договорите со шеиците а сакал дресот на клубот да остане идеално чист.

„Сите знаат дека Катар го финансира исламскиот тероризам, тие ја поддржуваат Исламска држава. Барселона не може да биде на страна на такви луже. Сега земаме 35 милиони евра годишно о нив, но јас ќе раскинам договор со нив па макар давале и 100 милиони“, ветил Бенедито во кампања.

Бенедито тврдел дека Барселона слабо работи на стратешкиот развој и дека залудно има високи приходи од победите во Лига на шампиони и од азиските договори кога тоа не го користи на прав начин.

Тој ветил дека во Барселона ќе го донесе моќниот спортски директор Мончи (годинава прејде од Севиља во Рома) и Пол Погба (Французинот барал 12 милиони евра годишно).

Што не му одговара на Бенедито Агусти?

Прво и основно тој му замерува на Бартомеу за темната историја со трансферот на Нејмар: „Жозеп е обвинет за даночни прекршоци и се согласи да плати казна во висина од 5,5 милиони евра. Така направи само да се спаси себе и Сандро Росел од затвор. Тоа е причина да даде неотповиклива оставка“.

Освен тоа, Агусти го нервира и слабата работа во преодниот рок и недостигот на добра стратегија: младите шпански ѕвезди одат во Реал, децата од академијата се помалку ги има во составот, клубот е недоследен во изборот на новајлии и изгуби една главна ѕвезда.

Лошите резултати минатата сезона, дебаклот од Реал во Супер Купот пред неколку недели и неверојатната хистерија на навивачите после продажбата на Нејмар се главните причини што на Бенедито му скокнал рејтингот.

Како изгледа борбата за власта?

Неопходно е да се разбере структурата во Барселона која не припаѓа на ниту едно конкретно лице или компанија. Каталонскиот клуб претставува регистрирано здружение во кое не може да купите акции туку може само да станете социос (за тоа се плаќа придонес, членарина) со право на глас.

Сега во Барселона има околу 111.000 социоси со право на глас (полнолетни и регистрирани пред повеќе од една година).

Бенедито сака да го искористи единствениот легален акт за смена на власта - недовербата. Најпрвин тој агитираше на Интернет (хаштаг на Твитер и сајт votdecenzura2017.cat), а во септември тргна посериозно и буџетот на кампањата ќе му биде 200.000 евра.

Во првата етапа Бенедито мора за 14 работни дена да собере потписи од најмалку 15% сосиоси. Тоа значи дека 16,6 илјади луѓе се должни да кажат: да, ние сакаме во клубот да има референдум и гласање.

Ако сите потписи бидат исправни, Барселона е обврзана да спроведе гласање со прашањето: „Сакате ли да изгласате недоверба на претседателот Жозеп Бартомеу?“ За оставка потребно е 66,7% гласови или просто кажано - две третини.

Бенедито и Барселона сега се спорат околу исправноста на документите со првичните потписи. Од управата на Бартомеу велат дека гласањето е должно да се одржи до 19 септември (14 работни дена заклучно со сабота), а Бенедито тврди дека тој има уште време до 2 октомври да собере потписи.

Основно место каде се собираат потписи е „Камп Ноу“ пред домашните мечеви. За првите два меча (со Еспањол и Јувентус) луѓето на Бенедито собрале 6,6 илјади потписи а пунктови за потпис има и во Барселона и во предградието Жирона. До 2. октомври на Барса и останаа уште 2 домашни меча и еден дуел во Жирона. Бенедито е сигурен дека ќе ги собере потребните потписи за избори.

Гласање за недоверба имало веќе два пати во клубот - и двата пати ја поминале фазата на собирање потписи, но не успеале на гласачките места. Нуњез така го одбил Лапорта во 1998. година а вториот случај бил со самиот Лапорта кој ги одбил нападите.

Во 2008 година Лапорта бил близу до импичмент: 60% од сосиосите биле за негова оставка, па недостасувале само уште 7%. Подоцна и Лапорта залудно се обиделе да го бутнат високите членови на Советот на клубот: 8 од 17 поднеле оставки а за импичмент биле неопходно да заминат 13 членови.

Ако импичментот успее, кој ќе биде претседател на Барселона?

Во случај на оставка, како на пример онаа на Сандро Росел по скандалот со Нејмар, ќе има заменик до крајот на мандатот а тоа ќе биде потпретседателот. Бенедито не сака да стане претседател, туку тој наводно се смирил со Лапорта и ќе го поддржи во намерата од сенка да се врати на чело на Барселона.

Но за такво нешто прво треба „да го бутнат“ Бартомеу.

18 септември 2017 - 13:45