Не дека ако Роналдо и Меси не играа за Реал Мадрид и Барселона нивните места ќе останеа празни, но по сето она што тие го сторија оваа сезона, останува впечатокот дека тие едноставно се незаменливи.
Што би се случило ако од резултатие на Реал Мадрид и Барселона се избришат головите кои ги постигнаа Кристијано Роналдо и Лионел Меси?
За Реал Мадрид тоа би значело 25 поени помалку, но тие сепак ќе беа шампиони. Реал Мадрид оваа сезона постигна рекордни 121 гола, а 38% проценти од головите ги постигна Кристијано Роналдо. Но Реал Мадрид ги имаше Гонзало Игуаин и Карим Бензема. Игуаин постигна 22, а Бензема 21 гол.
Лионел Меси постигна 43,8% од 114-те гола на Барселона, но проблем за Гвардиола претставуваше тоа што Меси немаше достојна замена. Давид Виља и Педро пропуштија голем дел од сезоната заради повреди и тие постигнаа по пет гола. Следен најдобар стрелец зад Меси е Алексис Санчез со 11 гола. Фабрегас имаше слаб крај на сезоната и постигна само девет гола, а четврти најдобар стрелец за Барселона беше Чави со за него рекордни во кариерата девет гола.
Според замислената табела без учинокот на Роналдо и Меси, Барселона ќе имаше 23 поени помалку од сегашните 91 и ќе беше на 6-та позиција што значи дека немаше да игра ни во квалификациите за Лигата на шампиони следната сезона.
Секако дека некој друг ќе играше наместо него, но кој би можел да го замени? Што ќе се случеше со Барселона доколку и тој се повредеше на подолг период? Табелата без головите на Роналдо и Меси е само замислена табела, но и податок кој би требало да го замисли Тито Виланова и да влијае при неговите планови за играта на Барселона во иднина затоа што во овој момент тимот е премногу зависен од Лионел Меси.