Џексон Мартинез од Порто е најголемата желба на Аурелио Де Лаурентис за да направи уште поопасен напад кој ќе треба да се докажува на три полиња во новата сезона. Но португалскиот тим за колумбискиот напаѓач бара 40 милиони евра кои за сега првиот човек на Наполи не се изјаснил дали ќе ги извади.
Српскиот напаѓач Адем Љаиќ многу лесно може да тргне по стапките на Јоветиќ и летово да си замине од Фиренца. Договорот со „Виолетоните" му истекува наредната година, а еден од заинтересираните клубови кој го следи е Милан.
Росоњерите се уште мируваат на трансфер пазарот па токму овој месец се очекува да бидат активни. Најспомнуваното име околу овој клуб е Јапонецот Хонда од ЦСКА Москва. Фудбалерот би се преселил на „Сан Сиро", но се уште нема дозвола од клубот.
За Алесандро Матри тешко дека ќе има место во тимот на Јувентус во новата сезона, а генералниот директор на клубот Бепе Марота изјави дека во август еден напаѓач сигурно дека ќе си замине од Торино. За Италијанецот се заинтересирани неколку клубови од чизмата, а постои можност да замине и во странство.
Слична е ситуацијата и со Фабио Кваљарела кој е можно до крајот на летово да го напушти италијанскиот шампион. За него можна дестинација е Премиер лигата.
Жервињо од Арсенал наскоро се очекува да го облече дресот на Рома. 26 годишниот напаѓач беше член на Лил додека стратегот на Римската Волчица, Руди Гарсија беше тренер, а заедно ја освоија шампионската титула и Купот на Франција.
Наполи се надева дека ќе може да го задржи играчот од средниот ред Ѕунига и да му го продолжи договорот кој му истекува во 2014 година. За сега преговорите со Јувентус се во мирување.
Интер е заинтересиран за младиот Бразилец од Сан Паоло, Велингтон, па најверојатно едно од засилувањата во составот на Валтер Мацари ќе биде овој 22 годишен фудбалер.
Нерозаѕурите имаат уште една желба за средниот ред, а тоа е Алжирецот од Болоња Сапир Таидер. Цената на 21 годишниот фудбалер е 20 милиони евра.
Со амин од Мурињо десниот бек на Челси Валас Дос Сантос кој има само 19 години најверојатно ќе се пресели во Интер како позајмен играч ова лето.