Каков натпревар ја чека Македонија во дуел со непознатиот и незгоден Исланд?

Вечерта на 7. декември 2020-та во Цирих се влечеше ждрепка за квалификациските групи за Светско првенство, Даниеле Де Роси и Рафаел Ван дер Варт ги извлекуваа куглите со репрезентации. Кога го извадија Исланд во нашата група, реакцијата кај нас беше дека они со Германија и Романија ќе ни бидат најтешки ривали.

Исланд е нордиска островска земја во Северниот Атлантски океан и најретко населена земја во Европа. Има околу 371.600 жители што е речиси тројно помалку од населението на град Скопје.

Фудбалската федерација на Исланд е основана во далечната 1912 година, а првиот меѓународен меч фудбалерите на Исланд го играле на 29 јули 1930-та против Фарски Острови. Членка на ФИФА овој фудбалски сојуз е од 1947-ма а на УЕФА од 1957-ма година.

Но и покрај тоа, ракометот е спорт број 1 во оваа земја.

Во текот на 110-годишната историја на фудбалска репрезентација, Исланд еднаш се пласирал на Светско првенство и тоа во 2018-та во Русија и еднаш на Европско првенство во 2016-та кога беа најголем хит и најсимпатична репрезентација во Франција. Скоро цело население тогаш отпатува на континенталниот собир да го бодри својот тим.

На ова Европско првенство пред пет ипол години, Исланѓаните во осминафинале ја урнаа големата Англија која поведе преку Руни уште во 4’ минута за потоа брзо да прими два гола за пресврт и сензација.

Но од таа славна генерација останати се само уште неколку играчи. Секогаш присутниот и неуморниот 33-годишен Биркир Бјарнасон, Биркир Саеварсон и Ари Фреир Скуласон. Првиот Биркир (долгокосиот) во кариерата играше од Норвешка преку Белгија и Италија до Катар, Швајцарија и сега во Турција.

Бјарнасон денес е капитен на подмладената репрезентација од која заминаа многу ветерани. Тој може да се пофали дека е стрелец на првиот историски гол на едно Европско првенство (2016) за Исланд, кога беше прецизен за израмнување со Португалија во групна фаза.

На дуелот со Романија (0:0) кој ни ја отвори вратата на баражот, Биркир Бјарнасон го израмни рекордот на Рунар Кристинсон со 104 настапи за Исланд. Во недела вечер во Скопје би можел да стане апсолутен рекордер.

Втор ветеран кој уште игра за „рибарите“ е 34-годишниот Ари Фреир Скуласон. Овој фудбалер речиси цела кариера игра во Скандинавија (за дански, шведски клубови), имаше неколку сезони во белгиските Локерен и Остенде а сега во ИФК Норкопинг.

Негова природна позиција на стартот на репрезентативна кариера била среден ред, но подоцна самиот побарал да го префрлат на лев бек и од тогаш до денес ја покрива оваа позиција во дресот на Исланд.

КОЈ Е ПРЕДВОДНИК НА ИСЛАНД?

Селектор на Исланд е 43-годишниот Арнар Видарсон кој е поранешен фудбалер кој играл во средниот ред на екипите: ФХ, Локерен, Лилестрем, Генк, Твенте, Де Графшап и Серкл Бриж. Ученик на холандската школа на фудбалот. За репрезентацијата на Исланд Видарсон забележал 52 настапи.

Една година беше селектор на Исланд У-21, од октомври 2020-та беше в.д. селектор за да во декември лани добие повеќегодишен договор да го крева сениорскиот тим на некогашното ниво. 

На Видарсон му се погоди да ја направи болната генерациска смена. Откако многу искусни фудбалери заминаа во репрезентативна пензија, исландскиот селектор реши во целост да ја подмлади селекцијата па прекомандувал многу младинци од У-21.

Видарсон досега го водеше Исланд на 12 меча и има учинок од: 3 победи, 4 нерешени и 5 порази со гол разлика 15:19. Во квалификациите за СП 2022, Исланд има 2-3-4 и гол разлика 11:15 што е навистина слаб учинок за репрезентација која некогаш играше сјаен фудбал.

ГОЛМАНИ

Нивниот епски голман, 37-годишниот Ханес Халдорсон кој се прослави кога на Светско првенство 2018 му одбрани пенал на Лионел Меси во ремито 1:1 со Аргентина, неодамна реши да стави крај на репрезентативната кариера. И покрај тоа тој бранеше на последните неколку дуели во квалификациите, дури и на средбите со Германија и завршува со 77 настапи.

Тој паралелно со фудбалската кариера работеше и како режисер и продуцент и снимаше реклами и филмови ширум светот.

На негово место сè повеќе се наметнува Елиас Олафсон кој има 21 година и кој беше прогласен за играч на мечот Романија - Исланд. Токму голманот на дански Мидтјиланд е најзаслужен што Македонија се најде на 2. позиција во групата и сама ќе одлучува за патникот во бараж. Олафсон би можеле да го очекуваме на голот и во Скопје.

Резервен голман на Исланд е Рунар Рунарсон, 26-годишник од белгиски Леувен кој е резерва и во белгискиот тим.

ОДБРАНА

Низ квалификацииве селекторот на Исланд пробал еден куп играчи меѓу кои се нашол и еден 39-годишен стопер, Кари Арнасон кој играл по 90 минути во поразите со Германија (3:0) и Ерменија (2:0) и во ремито (2:2) со Македонија.

Во централната одбрана на Исланд, селекторот најмногу доверба има во 21-годишниот стопер на Лече, Бринјар Инги Бјарнасон. Тој дури 6 пати командува со одбраната во квалификацииве, а партнери најчесто му биле Гретарсон (26-годишен стопер на англиски Блекпул) со кого беа во одбраната на последните два меча со Романија и Лихтенштајн и со кого може ќе почнат на „Градски“ во недела.

Стопери со Бјарнасон играле уште и: 39-годишниот Кари Арнасон, 26-годишниот Хјортур Хермансон од Пиза и 32-годишниот Јон Фјолусон од шведски Хамарби кој во моментов е повреден.

Истото што го пишавме за младиот стопер Инги Бјарнасон, може да се каже и за 37-годишниот бек Биркир Саеварсон од исландски Валур кој постојано игра десен бек и е скоро најстандарден во квалификациите иако е стар ветеран (играше и на Европско и на Светско).

Него полека го заменува десниот бек на норвешкиот шампион Бодо Глимт, 23-годишниот Алфонс Сампстед кој против Романија одигра цел меч, 90 минути. Еден од овие двајца десни бекови би требал да почне во Скопје.

Редовни и стандардни леви бекови на „рибарите“ се 34-годишниот лев бек на Норкопинг, Ари Скуласон и 29-годишниот Гудмундур Тораринсон од Њујорк Сити.

Според сето досега прикажано, одбраната е најслабиот дел на Исланд и тука нашите фудбалери би требало да ја бараат својата шанса. Тоа го видовме и на гостувањето во Рејкјавик каде често и лесно доаѓавме до шанси.

Факт е дека бековските линии не им се баш најсилни и тука ќе треба да извршиме јак притисок, со фудбалски жаргон, да се „истовари цела снага“ со цел полесно и побрзо да им го пробиваме дефанзивниот бедем.

СРЕДЕН РЕД

Лидер на оваа генерација фудбалери рековме е капитенот Биркир Бјарнасон кој ги одигра сите натпревари во квалификацииве од почеток до крај и во Скопје би требало да го изнесе младиот тим и да стане рекордер по бројот на настапи (има 104 во моментов).

Со оглед на тоа што исландскиот селектор не отстапува од формацијата 4-3-3, во средниот ред најчесто и речиси секогаш играат некои од: Бјарнасон (Адана Демирспор), Виктор Палсон (30 години, Шалке 04), Исак Јохансон (18 години, Копенхаген, играше и против Македонија и против Германија и против Романија).

Место на средината добиваат и 21-годишниот Торир Хелгасон (Лече), кој одигра прилично многу во квалификациите, 23-годишниот Стефан Тордарсон (Силкеборг), Андри Балдурсон (19, Копенхаген) и Арнор Траустасон (28 години, Њу Ингланд Револушн во МЛС, САД)

Кој и да заигра, повеќе од јасно е дека нема да ја има мотивацијата како нашите фудбалери и најчесто би требале да бидат зад топка во текот на целиот меч во Скопје. Нашите играчи би требало повеќе внимание да обрнат на Бјарнасон кој е практично главен плејмејкер во тимот.

НАПАД

Ударни сили на Исланд во нападот и најголеми ѕвезди во селекцијата се Алберт Гудмунсон, 24-годишниот шпиц на Аз Алкмар кој сезонава во холандско првенство и во еврокуповите на 17 меча дал 4 гола и имал 2 асистенции.

Со број 10 на дресот, Гудмунсон го предводи нападот на „рибарите“ скоро на секој меч, а покрај него во офанзвивата со три напаѓачи најчесто се: 23-годишниот Арон Гудјонсен кој смени еден куп клубови па играше во домашните Копавогур, Валур и Бреидаблик па во италијанските Специја и Равена, па од Одензе направи трансфер во Елфсборг (сезонава 3 гола на 8 меча за клуб), Јон Торстеинсон (22 години, Архус во Данска).

Станува збор за незгодно трио кое во брза транзиција знае да изведе опасни контри и полу-контри, така што ќе треба да се внимава на секој од нив.

Оваа тројка играше на мечот со Романија во Букурешт и сигурно ќе биде дел и од мечот во Скопје, кој како стартер, кој веројатно од клупата за резерви.

12 ноември 2021 - 10:14