Што е тоа пента-трик и кој друг освен Халанд остварил таков подвиг во Лига на шампиони?

Манчестер Сити пред неколку дена не успеа да победи и одигра само 1:1 кај Ред Бул Лајпциг во Германија. Затоа на реваншот го декласираа германскиот клуб со 7:0. Им дадоа три гола во прв дел и четири во втор. Волшебна вечер имаше Ерлинг Халанд.

Во неверојатна вечер во која норвешкиот ѕвер постигна пет гола за само 57 минути, имаше илјадници интересни коментари.

Еден од нив беше и оној дека Пеп Гвардиола во чест на рекордот на Меси кој во дресот на Барселона постигна 5 гола на меч во Лига на шампиони, намерно го извадил Халанд од игра со цел да го сочува подвигот на најдобриот фудбалер кој го тренирал во кариерата.

Халанд на мечот Манчестер Сити - РБ Лајпциг синоќа постигна хет-трик уште во првиот дел а во вториот стигна до таканаречениот фамозен пента-трик.

Интересно, ова е веќе петти хет-трик сезонава на Халанд. Има три повеќе од кој било друг играч во топ5 лигите и пошироко. Последен фудбалер со пет хет-трика во една сезона бил Хари Кејн и тоа во 2016/2017. Ова е 32 гол на Халанд во Лига на шампиони и тоа за само 25 натпревари. Побрзо до оваа бројка на погодоци не стигнал никој. Ниту помлад играч со 30 гола на свое конто уште немало во Лига на шампиони.

Во Лига шампиони да дадат 5 гола на 1 меч им успеало само на уште двајца фудбалери. Имало еден фудбалер на Ајакс претходно во Куп на европски шампиони кому му успеало тоа претходно.

ЛУИЗ АДРИАНО, ЧЕТИРИ ОД ПЕТ ГОЛА ДАДЕ ЗА 16 МИНУТИ!

Покрај Меси кој може да се пофали со неверојатен подвиг 5 погодоци на 1 средба во ЛШ, такво нешто има и Бразилецот Луиз Адриано.

Тој додека играше за Шахтјор постигна пет на гости кај БАТЕ Борисов во групна фаза во 2014-та година. Првите четири гола Адриано ги постигна за 16 минути, односно од 28-ма до 44-та минута. Тоа беа најбрзите четири гола во историјата на КЕШ/Лига на шампиони. Првиот и петиот ги даде од пенали.

„Да, можно е да се каже дека ова е мој најдобар меч. Никогаш претходно пред мене никој не успеал да даде толку голови за 90 минути. Дури и не можам да замислам со што би ги споредил“, рекол Адриано.

Шахтјор тогаш со 0:7 го демолирал БАТЕ на гости и ја поминал групата заедно со Порто (Бате заврши последен а во Лига Европа продолжи Атлетик Билбао). Но веќе во 1/8 финале Баерн Минхен со иста мера му одговори на Шахјтор и го расканта со 7:0.

МЕСИ, РЕКОРД НАД РЕКОРДИТЕ

Во 2012-та, пред 11 години, Барселона играше со Баер Леверкузен. Првиот меч во Германија Каталонците го добија убедливо со 1:3, но никој не насетуваше што може да се случи на реваншот.

Силната и моќна Барселона со 7:1 го понижи Баер Леверкузен.

Пет од седумте гола даде Лео Меси. Тоа беше првиот воопшто пента-трик во историјата на Лига на шампиони. Никој претходно не дал пет погодоци. Се случило само во претходното издание, во Купот на европски шампиони (КЕШ) кога извесен Сорен Лерби од Ајакс во 1980-та година дал пет гола во страшниот триумф над кипарска Омонија од 10:0!

Меси тогаш одговорил крајно скромно за својот неверојатен меч: „Најважно е што сите тие голови не приближија на чекор од триумф во Лига на шампиони. Многу сакавме да се пробиеме во четвртфинале и го направивме тоа. Барселона играше одлично, демонстрираше прав спектакл со преубави моменти“.

Но Каталонците не ја освоија Лига на шампиони таа сезона. Во четвртфинале со вкупни 3:1 го минаа Милан (сега росонерите се првпат во оваа фаза после цели 11 години), но потоа Барса лизна со Челси кој стана шампион.

Меси може да се пофали со уште еден пента-трик. Во јуни 2022-ра година на пола година до историското злато на Светско првенство, на меч со Естонија даде пет гола во триумфот на Аргентина 5:0.

15 март 2023 - 09:17