Ерве Ренар (Брег на Слонова коска)
Брегот на Слоновата Коска по втор пат го освои трофејот, кој за првпат го крена пред 23 години. Во финалето на пенали ја совладаа Гана, која остана на 4 освоени пехари. Последниот трофеј на АКН, Гана го освои далечната 1982. година, од кога трае нивниот пост.
Селекторот на „слоновите", Ерве Ренар во 2004 година беше тренер на Кембриџ, со кој се бореше за опстанок во Лига 2 (четвртиот ранг во англискиот фудбал). Осум години подоцна, во 2012. година стана селектор на Замбија и на оваа земја ѝ го донесе трофејот од Африканскиот Куп на нации. Во финалето тогаш Ренар беше подобар од Брегот на Слоновата Коска, селекција на која синоќа ѝ донесе злато против Гана. Пред да го земе кормилото на БСК, Ренар неколку месеци беше тренер на францускиот Сошо кој испадна од Лига 1.
Аврам Грант (Гана)
На клупата на Гана, селектор е еден од најпознатите фудбалски лузери во 21. век. Со Челси загуби финале на ЛШ против Манчестер (кога Тери промаши пенал), заврши втор во Премиер лигата, во Лига купот и во ФА купот. На ред му дојде и финалето на африканскиот куп на нации. Против Јунајтед загуби на пенали и вчера загуби на пенали, иако неговата Гана водеше 2:0 во пенал серијата.
Разочарувања
Ниту овој Африкански Куп не ги штедеше изненадувањата, пред сè разочарувањата. Лош настап има експедициите на Сенегал и Камерун, кои беа сметани за едни од фаворитите за завршницата. Во 1/4 финалето испаднаа Тунис и Алжир, иако последниве одиграа одлично СП во Бразил.
Изненадувања
Меѓу позитивните изненадувања сигурно е ДР Конго, кој трет пат по ред се качува на подиумот на АКН. Во дуелот за третото место, ДР Конго ја совлада Екваторијална Гвинеја, селекција која исто изненади со пласман во полуфиналето, иако им предвидуваа испаѓање уште во групната фаза.
Неправедната ждрепка
Турнирот го одбележа и ждрепката за патник во 1/4 финалето, затоа што во групата Д, Мали и Гвинеја имаа ист број на бодови (3) и ист број дадени (3) и примени голови (3). Ждребот му донесе среќа на домаќинот, Екваторијална Гвинеја, која во Малабо беше извлечена за понатамошната фаза. Мали си замина дома.
НАЈДОБРИТЕ 11 НА ПРВЕНСТВОТО:
Фабрис Ондоа (Камерун)
Меѓу стативите се промовираше новата надеж на африканскиот фудбал, голманот Фабрис Ондоа (генерација 1995). Од фондацијата на Самуел Ето на 13 години отиде во Барселона. Ондоа беше единствена светла точка кај „лавовите" во Екваторијална Гвинеја.
Серж Орие (Брег на Слоновата коска)
22-годишниот десен бек на ПСЖ влезе во најдобриот состав на африканскиот Куп на нации. Незапирлив беше по десната страна, а по неколку негови центаршути паднаа и головите на новиот шампион.
Џон Боје (Гана)
По неколку месеци отсуство, дефанзивецот се врати во составот на Гана. Селекторот Аврам Грант реши да му ја повери одбраната, а 27-годишниот стопер одигра одличен турнир и беше еден од најзаслужните што „црните мачки" се пласираа во финалето. Во моментов игра во турскиот Ерчиеспорт, по долгата авантура во францускиот Рен.
Вилфред Канон (Брег на Слоновата коска)
Роден 1993. година, централниот дефанзивец на БСК е физички најдоминантен во победничкиот состав. Често ги доби сите дуели со противничките напаѓачи и беше незаменлив во последниот ред на „слоновите“. Во моментов игра за Адо Ден Хаг во Холандија.
Абдул Рахман Баба (Гана)
Најмладиот во овие 11, има само 20 години. Се работи за офанзивен лев бек, кој од пред три години игра во Германија. Прво во Гројтер Фурт, а сега во Аугсбург. Одличниот турнир го препорача кај поголемите бундеслигашки тимови, кои летово ќе сакаат да го доведат.
Принц Ониангве (Конго)
Роден во Париз, цел живот игра во Франција. Одличен играч за врска, доминира на средниот ред и беше прв асистент на Конго на штотуку завршениот АКН. Беше клучен играч за „црвените ѓаволи" во Е. Гвинеја. Во моментов игра во Рен.
Јаја Туре (Брег на Слонова коска)
За најдобриот фудбалер на Манчестер Сити во последните три години нема што многу да се додаде. По заминувањето на Дрогба од репрезентацијата, стана лидер на Брегот на Слоновата коска. Постигна евро гол против ДР Конго, после шутот од 125км на час.
Хавиер Балбоа (Екваторијална Гвинеа)
Тунис можеби со право се бунеше за судиските одлуки на мечот против домаќинот, но главен „виновник" за одличниот настап на Екваториална Гвинеа месецов беше поранешниот фудбалер на Реал Мадрид. Даде три голови, меѓу кои и еден од слободен удар.
Тиеви Бифума (Конго)
Бифума е роден 1992. година, важи за поранешен најголем талент на црниот континент, кој наеднаш падна во форма. Сепак, феноменалните изданија во офанзивата на Конго во Е. Гвинеа повторно го врати на голема сцена. Постигна три голови и беше прв стрелец на Конго.
Андре' Ајо (Гана)
Во Марсеј кај Марсело Биелса е главен играч, а лидер е и во составот на „црните ѕвезди". Веќе стана автентичен лик во фудбалска Гана, син на легендарниот Абеди Пеле'. На турнирот постигна три голови.
Диумерси Мбокани (ДР Конго)
Подобар од сонародникот Бокила, поефикасен од Вилфред Бони од БСК. Неговото име во превод би дошло Богољуб, па не чуди што Мбокани секој од трите голови ги прослави со рацете кренати кон небото. Одигра одлично првенство и летово сигурно ќе направи голем трансфер.