Шпанскиот репрезентативец Белерин: „Немој да сме лицемерни, не гледав стори и објави за Палестина, Ирак, Јемен“

Скоро на прсти може да се набројат јавни личности од Европа чие поинакво мислење во врска со воениот конфликт меѓу Украина и Русија е јавно објавен во западните медиуми. Еден од тие кои отворено зборуваа за лицемерието е шпанскиот репрезентативец, фудбалер на Арсенал позајмен во Бетис.

Универзалниот бек Хектор Белерин кој во Арсенал од 2012 година одигра 183 меча и постигна 8 гола па од 2021-ва игра како позајмен во шпански Бетис, вели дека има вооружени судири и на други места во светот но не им се обраќа внимание како на она што се случува во Украина.

Шпанска Марка го пренесе Белерин кој во видео порака вели:

„Постои недостиг на сензибилитет во завземениот став за војна во европска земја со оној за други конфликти.

„Ми се чини дека е прилично грубо што оваа војна нè интересира повеќе од другите. Не знам дали е тоа затоа што се послични со нас (Европјани) или зато што судирот може да влијае директно на нас економски или преку бегалци“.

Десниот бек на Шпанија и на Бетис укажува дека она што се случуваше во Палестина и Јемен не предизвика големо ниво на интерес:

„Војната ја уништи Палестина во целост, никој за тоа не зборуваше. Јемен, Ирак... Сега кога Русија не може да игра за Светско првенство, тоа се работи кои други земји ги правеа многу, многу години“. 

„Зошто не слушаме за тоа? Зошто не гледам стори и објави за донации и помош на многу од тие луѓе кои се во иста опасност и многу од нив без можност да најдат место за излез близу нивните граници? Сите сме луѓе, сите треба да се помагаме без разлика кои сме, каде сме, зошто не знаеме каде ќе бидеме утре“. 

„Како да е расистички и со мала емпатија тоа што не нè интересираат многу судири во кои се губат животи и важност им даваме само на оние кои ни се блиски (географски). Вртиме поглед и се правиме слепи и ми се чини дека е тешко само на овие работи да им се дава важност со ваквиот наратив“.

Фудбалерот роден во Барселона и дете на овој клуб кој на млади години замина во Арсенал во објава на Твитер напиша:

„Мора да бидеме свесни и да се едуцираме и за другите конфликти кои се случуваат околу нас, количината на болка низ која проаѓат други земји, кршење на нивните човекови права, загуби на нивните најмили и нивна безбедност“.

Мислење и став како Белерин, на почеток на војната во Украина, имаше и Пеп Гвардиола кој го кажа речиси истото. Таква изјава имаше и најтрофејниот тренер во европската кошарка Жељко Обрадовиќ, на едно новинарско прашање додека гостуваше со својот Партизан во Еврокупот.

Симптоматично е што сите овие изјави не беа пренесени во водечките западни медиуми.

23 март 2022 - 13:32