Пеп Гвардиола: „НАТО и ЕУ се неспособни, ова се случуваше и во Сирија и Југославија“

Најдобриот тренер на денешницата, на прес-конференцијата за медиуми во пресрет на големото градско дерби со Манчестер Јунајтед зборуваше остро и искрено за војната во Украина.

Пеп Гвардиола, тренер за кого требаат повеќе страни за да му се набројат освоените трофеи и шампионски титули, за целата ситуација во светот ги обвини политичарите, НАТО и европските држави.

„Многу е важно да се покаже солидарност, но тоа е само гест. Политичарите се тука за да се избегнат вакви работи, но и натаму се случуваат зошто се неспособни, целосно неспособни. Тоа се случува зошто тие не можат ништо да направат.

Не се случува ова само поради знаме, парче земја, ова се случува поради пари. Се случуваше и во Сирија, Палестина, Југославија. Невини луѓе умираа и умираат само поради два човека. И сè поради пари. Да нема пари нема да има ни војни. Оваа војна трае веќе осум, девет дена. НАТО и европските организации се потполно неспособни“, во еден здив зборуваше Пеп на денешниот прес.

Еден од најомилените негови играчи во тимот на Сити, Украинецот Олександар Зинченко често објавува апели за помош на неговата земја.

„Загрижувачки е, ситуацијата е сè полоша. Он (Зинченко) е неверојатно вклучен, одработува разни проекти за неговата земја. Понекогаш нè информира за ситуацијата во Украина, знае подобро од кој било друг. Таму му е семејството. Војната трае веќе осум, девет дена, а за жал ќе потрае уште долго“, констатирал Пеп кого го чека градско дерби против ривалот Јунајтед.

 
4 март 2022 - 17:48