Шпанија по европска, освои и олимписка титула!

Олимписката фудбалска репрезентација на Шпанија е нов олимписки шампион откако вечерва во Париз пред преполн стадион ја совлада домашната Франција 5:3 после продолженија (во регуларниот дел беше 3:3).

Нецел месец по сјајното Европско првенство во фудбал на кое апсолутно издоминира Шпанија која во големото финале ја урна Англија, младите шпански фудбалери сега донесоа уште еден пехар во богатиот музеј на нивниот фудбал.

Ова е второ злато за фудбалскиот тим на Шпанија на Олимписки игри по она од 1992 во Барселона. Имаат дури три сребра од Антверпен во 1920, од Сиднеј 2000 и од Токио 2020.

ФРАНЦИЈА - ШПАНИЈА 3:5 (1:3 на полувреме)
/Мило 12', Аклуш 79', Матета 90+3' - Лопез 18', 25', Баена 28', Камељо 100', 121').

Французите го отворија големото финале на „Парк на принцеви“ со убав гол на Енцо Мило во 12' минута. Но Шпанците направија шокантен пресврт и не само што брзо израмнија после шест минути по примениот гол туку набрзо имаа огромно водство од 1-3.

Интересно селектор на олимписката фудбалска селекција на Франција е Тиери Анри кој проба со две измени во вториот дел да ја освежи екипата и тоа му појде од рака.

Франција во 79' минута намали на 2-3 преку Аклуш а во драматичниот финиш бразилскиот судија досуди пенал за Французите по фаул над талентираниот Калимеундо.

Матета го реализираше за 3:3 и продолженија. А таму Шпанците си ја вратија предноста во 100' минута а во самиот финиш во 121' минута од второто продолжение ги поставија конечните 3:5 со гол на фудбалерот на Рајо Ваљекано Камељо.

Ова е петти медал за Шпанија на фудбалските турнири на Олимписки Игри.

На тој начин „црвената фурија“ ги обедини европската и олимписката титула што е права реткост во фудбалот.

 

9 август 2024 - 22:01