Шпанија го загуби трагичарот Пресиадо

Само еден ден откако беше именуван за нов тренер на Виљареал, од срцев удар почина 54-годишниот Маноло Пресиадо, омилениот лик во шпанскиот фудбал чиј живот беше одбележан од трагедии.

Додека фудбалските фанови утрово во весниците ја читаа веста за назначувањето на Пресиадо за нов тренер на Виљареал, бргу се рашири веста за неговата смрт.

54-годишниот Маноло Пресиадо починал во текот на ноќта во својата хотелска соба, на само еден ден пред неговата официјалната презентација во Виљареал.

Прославениот тренер пет пати ги носеше екипите на Леванте и Спортинг Хихон во повисок ранг, а истото требаше да го стори и со Виљареал.

Последните десет години од животот на Пресиадо беа одбележани од неколку трагедии и многу пролеани солзи. Во 2002-та година почина неговата сопруга како последица на рак, две години подоцна во автомобилска несреќа загина неговиот син, а следната година во слична несреќа загина и татко му.

Животот ми нанесе тешки удари. Можев да станам ранлив и да се самоубијам или да погледнам кон небото и да продолжам понатаму. Јас го одбрав второто", беа зборовите на покојниот Пресиадо.

7 јуни 2012 - 12:09