Шевченко ја препороди Украина која убедливо оди на Европско 2020

Во понеделникот репрезентацијата на Украина го победи европскиот шампион Португалија со 2:1 и меѓу првите обезбеди пласман на Европско првенство 2020. „Жолто-сините“ играат многу убедлив фудбал, а ренесансата ја направи легендарниот Шева.

ОСВОИЈА ГРУПА И ВО ЛИГА НА НАЦИИ, ПА ДОМИНИРАА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ

Европското следната година кое за првпат во историјата ќе се игра во повеќе градови (12), ќе биде трето Европско во историјата на репрезентацијата на Укрина. Во 2012 година тие имаа предност што играа на домашно тло, но после триумфот над Шведска од 2:1, следуваа порази од Франција (0:2) и Англија (0:1).

Во 2016 година Украинците беа уште помизерни - три порази на Европско во Франција (од Германија, од Полска и од Северна Ирска), без ниту ЕДЕН постигнат гол.

Веднаш после тој дебакл, Украинците ги презеде нивниот најдобар фудбалер на сите времиња, Шевченко. За пола година Шева напредуваше од помошник на тогашниот селектор Михаил Фоменко и тоа му беше единствено тренерско искуство до тој момент.

Во својот стручен штаб Шевченко ги викнал Мауро Тасоти и Андреа Малдера од Милан, а Раул Рианчо од Динамо Киев. Украина тргна тешко. Изгуби во решавачкиот меч за Светско првенство 2018 од Хрватска во Киев (0:2) и заврши не само зад Хрватите, туку и зад Исланд.

Но од 2018 година Шевченко ги завратил ракавите и почна сериозниот подем: Украина прво ја освои својата група во Лига на нации и се пласираше во највисоката дивизија. А пред некој ден го освои и првото место во својата квалификациона група за ЕП 2020.

Клучен меч беше апсолутниот триумф од 5:0 над Србија во Лавов. Но до тој натпревар имаа две гостувања, против Португалија 0:0 и победа 1:2 во Луксембург со автогол на Жерсон Родригеш во 91’ минута.

После две победи над многу слабата Литванија, Украина мораше да освои најмалку бод во двата последни натпревари против Португалија и Србија. А не само што освоија бод, туку земаа 3 и тоа против европскиот првак и заслужено се први во група.

ШЕВА ИГРА СОВРЕМЕН ФУДБАЛ: 4-3-3 СО ПОСЕД НА ТОПКА

На првата прес-конференција како нов селектор на Украина, Шевченко изјавил дека драстично ќе го менува стилот на игра на репрезентацијата. „Сакам да играме фудбал кој ќе биде пријатен за гледање и кој ќе им се допаѓа на навивачите“.

И веќе три години Шевченко не отстапува од формацијата 4-3-3 (во крајно ретки случаи преоѓа на 4-2-3-1).

Главни играчи на Украина се голманот Пјатов, во одбраната Караваев игра десно, стопери се Кривцов и Матвиенко, а лев бек Миколенко. Во средниот ред играат Степаненко, Зинченко, Малиновскиј, а во нападот Јармоленко, Јаремчук и натурализираниот Бразилец Марлос.

Украина игра современ фудбал: контрола на топка, мал простор меѓу крилните фудбалери и бековите, постојано движење. Шевченко постепено направил смена на генерација (ги нема веќе незгодните по амбиентот во соблекувалната, Зозулија и Селезњев).

ЗИНЧЕНКО МУ Е НАЈДОБАР ИГРАЧ

Омилениот фудбалер на Пеп Гвардиола од Сити, младиот Зинченко е лидер на Украина и набрзо ќе биде капитен на репрезентацијата. Против Португалија тој ги бодрел играчите кога примиле гол, ги кревал трибините на нозе и истовремено ја местел играта на теренот.

Во Манчестер Зинченко игра лев бек, но во Украина е главен играч во средината на теренот со постојано приклучување во нападот. Постигнал гол во Вилнус со Литванија.

Зинченко не пропуштил ниту една минута во овие квалификации, па дури ниту на пријателските во 2019. Тој е најзаслужен за одличната атмосфера во екипата.

ТАСОТИ НЕЗАМЕНЛИВ

Стручњаците тврдат дека Мауро Тасоти е задолжен за неговата специјалност - одбраната. Тој е главен помошник на Шевченко и благодарение на Италијанецот, Украина прима многу малку голови.

Малдера, исто така некогашен член на стручниот штаб на Милан е врвен аналитичар. Тој спрема видеа за репрезентацијата, спрема индивидуални анализи, многу зборува поедничено со играчите и им објаснува тактички задачи.

Украинската фудбалска федерација на крајот од 2018-та решила да го продолжи договорот не само со Шевченко, туку до крајот на Европско 2020 ги договориле и Тасоти и Малдера.

Шева немал намера да го врати ветеранот Ракицки во репрезентација, иако овој важи за еден од најдобрите украински фудбалери. Наместо него шанса во ноември би требало да добијат талентираните младински репрезентативци Валериј Бондар од Шахтјор и Евгениј Чеберко од Зарја. Двајцата стопери.

Шевченко е најзаслужен и што Андреј Јармоленко се вратил во старата препознатлива форма (за Украина Јармоленко има 37 гола, Шевченко 48).

УКРАИНА ИМА 2 НАТУРАЛИЗИРАНИ БРАЗИЛЦИ

Како и Русите кои после долги години мачен фудбал, решија да поканат два-тројца Бразилци од руската лига да играат за репрезентацијата, така и Украинците „вдомија“ двајца „кариоки“.

Полушпицот на Шахтјор, Марлос важи за еден од најдобрите играчи во репрезентацијата на Украина. Него го натурализирале уште во октомври 2018.

Тука е и шпицот на Шахтјор Жуниор Мораес, кој во моментов е резервен центарфор во репрезентацијата и покрај тоа што влезе на Топ10 листата најдобри стрелци во историјата на украинската лига - 85 гола на 154 меча.

Конкуенција на Мораес во нападот му е 23-годишниот Роман Јаремчук кој процветал откако отишол од Динамо Киев во белгиски Гент (веќе има 11 гола сезонава).

ШЕВЧЕНКО СÈ УШТЕ МЕЧТАЕ ЗА МИЛАН

„Главна тајна на нашиот успех е селекторот. Конечно дојде човек кој ги разбира играчите“, вели ветеранот Андреј Пјатов. Шевченко во моментов е најпопуларна личност во земјата, го обожава цела Украина а на стадионите му скандираат: „Шева, Шева!“

Самиот Шевченко откако го поврзуваа со Милан, изјави дека никаде не оди до завршувањето на Европското 2020.

Иако самиот секогаш зборуваше дека сонува да го води Милан. Директор на клубот е Паоло Малдини кој играше со Шевченко и кој во случај на неуспех на Пиоли, на крајот од следната сезона и по завршувањето на Европското, би можел да го врати Украинецот на „Сан Сиро“.