На почетокот на декември минатата година, Џани Инфантино предложи воведување на нов систем на натпреварување на Светското и доби поддршка од повеќе федерации, иако гласно се противат англиската ФА и германскиот сојуз.
Англичаните и Германците стојат на фактот дека актуелниот формат од 32 селекции носи најквалитетен фудбал. Новиот формат со 48 репрезентации е една од петте промени на Мундијалот кои треба да заживеат од Светското 2026-та.
Овој систем би донел 80 меча кои би се играле во 32 дена, а ФИФА сериозно се залага да им овозможи прифатливи термини на навивачите, а не да се прилагодува на земјата домаќин на Мундијалот.
Светското би се играло со дури 16 групи во кои би имало по три екипи. Пласман во нокаут фазата (16-ина финале) би обезбедиле првите две репрезентации кои потоа би се бореле за 8-ина финале, полуфинале и финале. Актуелниот формат којшто е воведен од 1998. година се игра во 32 селекции - 8 групи по 4 репрезентации.
Рајнхард Гриндел, претседателот на германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) минатиот четврток изјави дека Џани Инфантино и останатите членови на ФИФА треба добро да размислат и да не брзаат.
„Нам ни треба сериозна дебата меѓу сојузите и конфедерациите. Одлуката не смее да се донесе набрзина. Во нашиот сојуз сме убедени дека веќе испробаниот формат со 32 репрезентации ги воодушевува играчите, гледачите и спонзорите. Зошто тогаш да го менуваме?
Во меѓувреме се огласија и од англискиот ФА. Извршниот директор на оваа федерација, Мартин Глен призна дека тие се немоќни да го спречат проширувањето на Светското првенство.
„Не можам да влијаам на ФИФА. Мене во фокусот ми е: како да ја направиме Англија да се квалификува па и да победи на Светското. Нашиот глас е само еден од другите 211 федерации. Ароганцијата на ’Ние сме ФА, ние го измисливме фудбалот и ќе си ја земеме топката дома’ не функционира.
Џани Инфантино во саботата изјави: „Има голема, голема, многу голема поддршка за проширување на Мундијалот на 48 репрезентации“.
Меѓу тие поддржувачи застана и Жозе Мурињо кој изјави дека на тој начин шанса да се претстават ќе добијат многу други земји. Каква одлука и да донесе ФИФА, таа ќе почне да важи од 2026. година. Првенствата во Русија 2018 и во Катар 2022 ќе се играат во досегашниот формат со 32 селекции поделени во 8 групи по 4 репрезентации.