Шамар од Реал за Барселона, историски 0:4 на „Камп Ноу“

„Кралскиот клуб“ со голема самоувереност го доби последното Ел класико сезонава - 0:4 на преполн „Камп Ноу“. Карим Бензема со хет-трик го растури ривалот, а тоа му беше втор хет-трик во само три дена по рекордниот со Ваљадолид за 7 минути.

Реал Мадрид прописно ѝ врати на Барса за сите понижувања сезонава.

Каталонците играа без Дембеле, Де Јонг, Педри и Кристенсен, сите четворица стандардни првотимци, но тоа е слаба утеха за навивачите кои синоќа уште во 80-та минута се упатуваа кон излезите.

Барселона имаше контрола врз топката и поголем посед во првиот дел, но избраниците на Чави кои бегаат 12+ пред Реал Мадрид на табела во Ла Лига, не најдоа пат до мрежата на Куртоа кој бранеше сигурно.

Реал се бараше себеси и маестрално се пронајде на истекот на судиско продолжение во 45+1 минута, кога по една молњевита контра поведе со 0:1 преку Винисиус Жуниор.

Само што почна вториот дел а гледачите на „Камп Ноу“ со голема поддршка ги пречекаа играчите на терен, Карим Бензема ги олади со студен туш.

Францзинот кој игра чудесно, во 50’ минута зголеми на 0-2, во 58-ма од пенал го однесе Реал Мадрид на 0-3 а во 80-та минута ги постави конечните 0-4.

Тежок удар за Барселона и елиминација од полуфиналето на Купот.

РЕАЛ ЗА ПРВПАТ ВО ФИНАЛЕ НА КУП ПОСЛЕ ЦЕЛИ 9 ГОДИНИ

„Кралевите“ во сезонта 2013/2014 за последен пат играа во финалето на Копа дел Реј и славеа 2-1 со головите на Ди Марија и Бејл (после оној фантастичен трк преку Бартра).

Реал Мадрид од тогаш до синоќа играше бледо во Купот, па до полуфинале стигна само во 2018/2019, а испаѓаше во меѓувреме од Легањес и Алкојано.

Реал Мадрид одамна не ја згромил вака Барселона како синоќа. Ова беше најубедлив триумф на тимот од престолнината во XXI век. Последен пат со најмалку 4 гола разлика ги разбиле на 7 јануари 1995-та година кога Реал славел 5-0 со три гола на Иван Заморано.

Последен пат на гости Реал ја понижил Барсеона на 27 јануари 1963-та година со 1:5!

Карим Бензема по чудесниот хет-трик против Ваљадолид за само 7 минути минатиот викенд, сега одново запиша хет-трик. Има 19 голови во 2023-та и само Маркус Рашфорд со 20 има повеќе од него во Топ5 лигите.

Бензема стана и четврти бомбардер во историјата на Ел Класико со 16 гола. Тој го надмина Раул а пред него се Алфредо Ди Стефнао и Кристијано Роналдо со 18 погодоци и рекордерот Меси со дури 26 гола против Реал во Ел Класико.

На „Камп Ноу“ три комада во дресот на Реал дал само Ференц Пушкаш во далечната 1963-та!

6 април 2023 - 08:52