Серија А од едно друго време со едни други ѕвезди

Се сеќавате ли на седумте сестри? Или популарните „le sette sorelle“ на италијански? Не зборуваме за жени, туку за Јувентус, Милан, Интер, Лацио, Рома, Парма и Фиорентина. Екипи со кои мечевите во 90-те беа мелем на душа во италијанското првенство.

Носталгијата за калчото не врати во сезоната 1997/1998, време кога Јувентус ги имаше неповторливите Перуци, Ферара, Монтеро, Јулијано, Песото, Ди Ливио, Конте, Дешамп, Зидан, Давидс, Дел Пјеро, Инѕаги, а ги водеше Марчело Липи.

Милан располагаше со имиња од калибарот на Малдини, Албертини, Костакурта, Десаи, Донадони, Савичевиќ, Бобан, Веа, Леонардо, Клајверт. Тренер Фабио Капело.

Луиџи Симони во Интер во прв состав ги имаше Паљука, Бергоми, Занети, Џоркаеф, Винтер, Симеоне, Роналдо, Заморано, Рекоба.

Составот на Свен Горан Ериксон во Лацио ја најавуваше борбата за трофеи со Маркеџани, Неста, Панкаро, Негро, Фавали, Фузер, Недвед, Алмеида, Југовиќ, Бокшиќ, Манчини, Казираги.

На клупата на Рома седеше Зденек Земан кој ги имаше Кафу, Ди Бјаџо, Кандела, Алдеир, Заго, Томази, Тоти, Делвекио.

Во Парма играа Буфон, Канаваро, Турам, Зе Марија, Дино Баџо, Фиоре, Киеза, Креспо, Асприља, а тренер им беше Карло Анчелоти.

Фиорентина ја красеа Толдо, Руи Коста, Батистута, Морфео, Аморозо, а ги водеше Алберто Малезани. Сè се ова имиња до имиња кои тешко ќе се најде некој да не ги знае, освен ако прати фудбал од пред 5-6 години.

Во Серија А тогаш играше елитата на светскиот фудбал, најдоброто од бразилскиот, аргентинскиот, францускиот, но пред се италијанскиот фудбал. Шампионат со квалитет, неспоредлив со денешново време.

Со исклучок на Милан, сите други екипи од големата седумка очекувано беа на челните 6 позиции. Росонерите не беа таму бидејќи во тоа друштво се вмеша Удинезе кој го имаше незапирливиот Оливер Бироф кој беше стрелец број 1 таа сезона.

Јувентус ја освои 25-та титула, Интер заврши втор и се пласираше во ЛШ, Удинезе, Рома, Фиорентина и Парма играа во Купот на УЕФА, а Лацио како освојувач на Купот се квалификуваше во Купот на Куповите на победниците.

Болоња и Сампдорија се изборија за тогашниот Интертото Куп, а Бреша, Аталанта, Лече и Наполи испаднаа во втора лига.

Од листата на најдобри стрелци таа сезона доволни е да ги ѕирнете имињата на првите 7 стрелци и ќе ви стане јасно колку големи ѕвезди ги полнеле мрежите во Серија А.

Европа? Три од четирите финалисти беа италијански екипи кои се пласираа во финалињата на двете најквалитетни клупски европски натпреварувања. Јуве беше во финалето на ЛШ кое го загуби од Реал Мадрид, а Интер со 3:0 го совлада Лацио во финалето на Купот на УЕФА.

Следната сезона Купот на УЕФА го освои Парма откако во финале беше подобра од Олимпик Марсеј, а Лацио го крена пехарот во Купот на Куповите на победниците каде во финале се сретна со Мајорка, а потоа и Европскиот Супер Куп каде на колена беше Манчестер Јунајтед.

Ова беа времиња во кои додека се гледаше италијанско не се трепкаше 90 минути и немаше замарање со кладилници. Фокусот беше само да се гледа и ужива во врвен фудбал.
 

14 ноември 2016 - 13:11