Село со жители колку пола Лисиче е кандидат за историски влез во Бундеслигата

Ливерпул, Баерн, Барселона, Аталанта и ПСЖ се лидери на табелите во топ 5 лигите. Но вреди да се фрли око и во второлигашкиот фудбал, а таму најинтересно и најнеизвесно е во популарната Цвајта, каде едно мало клубче прави чуда невидени.

Ако ја ѕирнете табелата во втората германска лига ќе се збуните, затоа што разликата меѓу првиот и десеттиот на табела изнесува само 4 бода.

Кој е прв? Елверсберг (SV Elversberg). Прв пат слушате така? Не би требало, ако следите Бундеслига или уште повеќе ако го пратите или навивате за Баер Леверкузен.

Елверсберг пред три години беше дел од четвртата лига, потоа влегоа во трета и на 30 јули 2022-ра направија сензација. Го исфрлија Баер во Купот на Германија уште во прво коло.

Тоа беше почеток на крајот на Херардо Сеоан, кој издржа уште три месеци на клупата, која после него ја доби Чаби Алонсо. Човекот кој ќе биде запишан во една од најубавите фудбалски бајки.

Баер му се одмазди на Елверсберг оваа сезона во второ коло, а резултатите покажуваат тој срамен пораз на претходникот на Алонсо им е последен последниве две години во Купот, каде бележат 11 победи по ред.

Елверсберг немаше сили овој пат да приреди нова сензација, бидејќи си имаше работа со еден нов и препороден тим, шампион на Германија без пораз и актуелен освојувач токму на Купот.

Но она што го прават во првенствениот фудбал е навистина чудо. Сезона 2021/2022 обезбедуваат влез во трета лига. Сезона 2022/2023 испишуваат историја и за прв пат од формирањето 1907-та стануваат второлигаши.

Ланската сезона завршија 11-ти, а оваа знаете каде се наоѓаат? На врвот со 28 бода, исто колку што имаат Келн и Падерборн.

Пазете, зборуваме за клуб од местото Спизен Елверсберг кое има 12.800 жители, помалку од многу скопски населби и кое се наоѓа во најмалата покраина Сарланд.

Држат прво место пред многу поголеми клубови од нив и поранешни шампиони на Германија како Шалке, Херта, Хамбург, Нирнберг, Хановер и Келн.

За пари па подобро да не зборуваме. Само една неблагодарна компарација. 

Баер вреди 635 милиони евра, Баерн 936 милиони, а селото кое се кандидира за влез во најелитното германско фудбалско друштво тежи 17 милиони евра.

За сезонава купиле 10 играчи за кои потрошиле 1 милион или во просек по 100.000 евра за играч.

Хамбург, град со 2 милиони живетли, 6 години не може да се врати во Бундеслигата, исто како и милионските градови Келн и Херта од Берлин.

Елверсберг, каде живеат двојно помалку луѓе од населба Лисиче ја напаѓа Бундеслигата. Да не верува човек.

Досега три тима од најмалата сојузна покраина во Германија играле во Бундеслигата: ФК Хомбург, Борусија Нојнкирхен и Сарбрикен, каде има играно легендарниот вардарец, Методија Спасовски (1974-1977).

18 декември 2024 - 15:27