ХОЛАНДИЈА
Составот на Холандија за Евро2020
Голмани: Тим Крул (Норвич Сити), Марко Бизот (АЗ), Мартен Стекеленбург (Ајакс)
Одбрана: Дејли Блинд (Ајакс), Стефан де Фрај (Интер), Џоел Велтман (Брајтон), Матејс Де Лихт (Јувентус), Натан Аке (Манчестер Сити), Даниел Дамфрис (ПСВ Ајндховен), Патрик ван Анхолт (Кристал Палас), Овен Вејндал (АЗ), Јуриен Тимбер (Ајакс)
Среден ред: Џорџињо Вајналдум (Ливерпул), Френки Де Јонг (Барселона), Деви Класен (Ајакс), Мартен де Рон (Аталанта), Дони ван де Бек (Манчестер Јунајтед), Рајан Гравенбех (Ајакс), Тен Компејнерс (АЗ)
Напад: Мемфис Депај (Лион), Квинси Промес (Спартак Москва), Лук де Јонг (Севиља), Стивен Бергхејс (Феенорд), Дониел Мален (ПСВ), Ваут Вергхорст (Волфсбург), Коди Гакпо (ПСВ).
„Лалињата“ во јуни 2019-та година колку толку го осветлија образот по дебаклите со пропуштено Евро 2016 и Светско 2018. Ајакс во меѓувреме блескаше во Лига на шампиони а репрезентацијата на Холандија стигна дури до финалето на првото издание на Лига на нации и таму пред 43.000 навивачи на Португалија, изгуби со 1-0 во Порто.
Но претходно Холанѓаните ги елиминираа Франција и Германија на патот до финалето на ЛН. Тоа беше знак дека Oranje се враќа на голема сцена. Како шлаг на тортата дојде и триумфот од 4-2 над заспаната Германија во квалификации за Европско 2020. Холандија заврши втора во квалификациската група и се пласираше на Европско.
А после сево ова, на Холандија одново ѝ се случи тежок удар. Прво сезоната во тамошното првенство во 2020-та беше официјално прекинато (прво во Европа кое ја заврши сезоната недоиграна). Селекторот Роналд Куман ја напушти клупата на својата земја за да оди во Барселона да ги тренира Меси и другарите.
На негово место дојде Франк Де Бур (3 милиони евра годишно), прозван вечниот лузер од навивачите кој почна катастрофално. Холандија изгуби 0-1 од Мексико во пријателска па после следуваа и порази од Италија и елиминација од дивизија во Лига на Нации.
Плус на 17 октомври англискиот репрезентативен и голман на Евертон Џордан Пикфорд брутално стартуваше врз најдобриот дефанзивец на светот, Вирџил Ван Дајк и го повреди толку тешко што столбот на одбраната на Холандија и по неколку месеци пауза во договор со докторите реши да не игра на Европско првенство.
Ван Дајк е толку важен за Холандија (со харизмата ја оправил и атмосферата и го средил дури и голманот Јаспер Силесен кој бурно реагираше што селекторот Де Бур го отстранил од списокот иако првиот голман имал негативен тест на Ковид-19) што му дале функција во стручниот штаб за да биде поблизу до репрезентативците.
Сега откако го нема Вирџил, главни адути на Холандија се Вајналдум (8 гола и 2 асистенции во квалификациите за Евро2020) и Мемфис Депај (7 гола на последните 7 меча за Холандија од кои 6 гола и 8 асистенции во циклусот квалификации за Светско).
Проблем за Холандија во последно време беше и одбраната затоа што на 24 март во квалификациите за Светско првенство, Турција во Истанбул ги прегази со 4-2. Овој дебакл го принуди селекторот Де Бур, а на ново незадоволство на холандската јавност, да прави тактичка претумбација од вообичаени 4-3-3 во 5-3-2 (со Де Фрај, Тимбер (19) и Де Лихт во средина на одбраната, младиот Овен Вајндал (21) како лев истурен и Дамфрис како десен истурен бек).
Но ни ова решение не се покажа како совршено зошто Холандија пред само 5 дена во пријателска со Шкотска на два пати се вадеше од пораз и мечот заврши 2-2, а убедливиот пораз во Истанбул им ги избледе амбициите пред Европското првенство каде последен и единствен пат станаа шампиони на континентот уште во 1988-ма година.
Лалињата одиграа 8 меча во нова формација: 4 во Лига на Нации каде Холандија освои 8 од можни 12 бода а одигра и реми 1:1 со Шпанија, па дебаклот со Турција 4:2 и победи против Гибралтар и Лавија.
Со некои нови клинци (латералниот Вајнал, напаѓачите Мален и Гакпо) како и зрелите искусни фудбалери (Дер Рон, Квинси Промес и Дејви Класен), оваа Холандија делува помалку небулозна и неодредена.
Целта им е четвртфинале. Пред сè што сите натпревари од групата Ц ќе ги игра на домашен терен, во Амстердам пред свои навивачи.
Делува неверојатно, но поминаа цели 7 години откако Холандија последен пат учествуваше на едно големо натпреварување - во 2014-та го освоија бронзениот медал и третото место на Светското во Бразил и тоа по убедлив триумф од 3:0 баш над домаќинот Бразил (Ван Перси, Дејли Блинд и Вајналдум).
НАЈДОБРИ ИГРАЧИ:
Френки де Јонг
Додека Мартен Де Рон ја штити одбраната како последен играч за врска, а Вајналдум притиска жесток пресинг, Френки Де Јонг важи за мотор на репрезентацијата.
Од моментот на деби против Перу во септември 2018-та, Де Јонг постојано е стандарден фудбалер на меѓународна арена и можно е летово да биде најважен играч за „портокаловите“.
Мемфис Депај
Во квалификациите за ЕВРО2020 никој не блескаше повеќе од напаѓачот на Лион кој се пронајде себеси под водство на Роналд Куман. Депај се појави во ПСВ Ајндховен како современ шпиц, па го следеше и некогашниот селектор на Холандија Луј Ван Гал во Манчестер Јунајтед но на „Олд Трафорд“ разочара исто како и Ван Гал.
Својата кариера ја возобнови во Лион, па поранешниот талент на Спарта Ротердам сега игра фантастично во улога на лажна деветка.
На последната генерална проверка пред стартот на Европско, Холандија со 3:0 ја победи Грузија во пријателски меч. Стрелци беа Депај, Вергхорст и Гравенбех. Селекторот Де Бур одново се реши за истиот состав како и против Шкотска пред неколку дена што значи дека најверојатно тоа ќе бидат првите 11 на турнирот летово:
Стекеленбург, Дамфрис, Тимбер, Де Фрај, Блинд, Вајндал, Мартен де Рон, Вајналдум, Френки де Јонг, Депај, Вргхорст
ЗАНИМЛИВОСТИ:
- Во Холандија сезонава титулата убедливо ја освои Ајакс со дури 16 бода пред најголемиот ривал ПСВ Ајндховен, а „копјаниците“ ја освоија и двојната круна откако му се радуваа и на Купот.
- Својот прв официјален меч холандската репрезентација го одиграла на 30 април 1905 година кога со 4:1 ја совладале соседна Белгија. Најубедлива победа прославиле на 2 септември 2011-та - 11:0 против Сан Марино.
- Најголемиот пораз им датира од 21 октомври 1959-та година кога изгубиле 0:7 од Западна Германија.
- Рекордер по број на настапи: Весли Снајдер - 131 меч, 31 гол
- Рекордер по број на голови: Робин Ван Перси - 102 меча, 50 гола
- Највисоки достигнувања: 2 место на Светско првенство (1974, 1978 и 2010); Европско првенство - шампиони (1988), Лига на Нации - 2 место (2019), Олимписки Игри - 3 место (1908, 1912, 1920).
- Холандија на Европско првенство учествувала 9 пати: (1976-та - 3 место, 1988 - шампиони, 1992 - 3 место, 1996 - четвртфинале, 2000 - 3 место, 2004 - 3 место, 2008 - четвртфинале, 2012 - групна фаза.
- Пат на ЕВРО 2020: 2 место во групата Ц
- Најдобар стрелец во акуелниот состав: Џорџињо Вајналдум со 8 гола
- Меѓусебни средби со ривалите од група: Украина - 2 меча (1-0, 4-1), Австрија - 18 меча (8-4-6, 33:23). Македонија - 2 меча (2 нерешени).