
На 7 мај 2006-та година во 83-та минута од натпреварот со Сиена, Горан Славковски со само 17 години и еден месец влезе во историјата на Интер како најмлад дебитант, рекорд кој претходно го постави легендарниот Џузепе Бергоми.
За него се велеше дека е новиот Златан Ибрахимовиќ, а Македонија и Шведска започнаа борба да го видат во својата репрезентација. Се шпекулираше дека за него интерес има и Италија, земјата во која настапува, а и дека неговиот менаџер од Хрватска го убедувал да настапува за оваа земја.
Најпрвин неуспешен обид за убедување имаше тогашниот премиер Владо Бучковски кој се сретна со неговиот татко. Следната година во Милано отпатува и директорот на Агенцијата за млади и спорт, за на крајот тој во Скопје на Илинденска ББ да биде пречекан како најважен политичар од страна на премиерот Никола Груевски.
Кариерата на Славковски започна да оди во надолна линија, па Шведска почна да го губи интересот за него, па тој конечно најави дека ќе настапува за Македонија. Тој одигра три натпревари за младинците на кои не постигна гол.
Во меѓувреме тој како да заборави да игра фудбал. Падна на лекарските прегледи во Мидлзборо, беше позајмен во Шефилд Јунајтед каде не одигра ниту еден натпревар, потпиша договор со Хајдук кој потоа Хрватите му го раскинаа заради неговата ужасна форма, одигра неколку натпревари за резервите на Бохум и по една година пауза, во 2011-та година потпиша за шведскиот третолигаш Лимхам Бункефло.
За аматерите од третата шведска лига одиграл пет натпревари, по што Славковски целосно се изгуби од фудбалот.
Седум години по историското деби за Интер, го пронајдовме во Македонија, мало клубче на наши иселеници од Малме кое се натпреварува во шестата шведска лига.
Новиот Златан, фудбалерот за кој се бореа Македонија и Шведска и преговараше со двајца македонски премиери, стана најголемо разочарување. Наместо да ги кине мрежите во дресот на репрезентацијата на Македонија, тој трча по шведски ливади, а единствен негов успех во кариерата му е што го предводеше тимот на КСФ Македонија од шеста во петта лига.