Се распаѓа ли проектот Сити? Почнува истрага за 115 пријави против клубот од Манчестер

Она што веќе неколку месеци се најавува, конечно ќе започне: процес на сослушување за неправилности во фер-плејот. Поднесени се 115 пријави против Манчестер Сити за финансиски неправилности. Сослушувањето ќе трае отприлика 10 недели а сега е неизвесна и иднината на клубот која е под прашање.

Според истрагата на Премиер лига, Манчестер Сити 14 сезони (од 2009-2010 до 2022-2023) правел финансиски неправилности и не се придржувал до финансискиот фер плеј на англиската лига и УЕФА.

„Граѓаните“ во февруари 2023-та беа обвинети по 115 дела, а сега независна судска комисија ќе одлучи каква казна ќе им биде изречена. Денес започнува „случајот Манчестер Сити“.

Како што пред неколку недели објави британски Тајмс, сослушувањето на кое ќе се објават обвиненијата кои висат над Манчестер Сити ќе трае отприлика 10 недели, односно преку 2 месеци. Конечната одлука би требало да се знае на почеток на 2025-та година.

„Мареј Розен КЦ (Murray Rosen KC, шеф на независниот Судски совет на Премиер лига) одбрал три лица кои ќе формираат независна комисија која ќе ги испита и сослуша обвиненијата, а еден од членовита на овој совет мора да биде финансиски. Кога Комисијата ќе ја објави својата пресуда, секоја страна ќе може да поднесе жалба, а потоа ќе се оди на арбитража. Ниту една страна нема можност да оди пред Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана, Швајцарија, пишува Гардијан.

Пред натпреварот на Манчестер Сити со Брентфорд кој заврши 2-1 со пресврт головите на Ерлинг Халанд откако претхoдно гостите поведоа со рекорден гол на Јоане Виса во 22-ра секунда од почетокот на мечот, тренерот Пеп Гвардиола бил прашуван од новинарите за сериозниот предмет и истрага:

„Јас не сум адвокат. Има многу адвокати во оваа земја и во Шпанија. Има многу адвокати. Чекам. Чекаме да видиме. Во соблекувална не зборуваме за тоа. Ние не сме адвокати, Ерлинг (Халанд) не е адвокат, не сме зборувале за тоа. Ќе има независна истрага и ќе ја прифатиме пресудата. Не зборувам со луѓето од клубот за тоа. Среќен сум што ќе почне во понеделник, знам дека ќе има многу гласини, многу специјалисти како истрагата ќе тече, ќе видиме. Знам што луѓето чекаат, што читам со години. Секој е невин додека вината не е докажана. Ќе видиме“, рекол Гвардиола.

Премиер лига го обвинува Манчестер Сити дека не обезбедил точни финансиски информации за своите сметки, дека приложувал неточни сметки и не соработувал со истрагата од Премиер лига, дека не дал точни детали за исплатите на играчите и тренерите и дека ги прекршил и двете правила за финансиски фер плеј на Премиер лига и финансиски фер плеј на УЕФА. Сепак уште постои можност независната Комисија да не му ги препише на клубот сите овие обвиненија.

Одбројувањето во случајот „Манчестер Сити“ веќе започна.

 

16 септември 2024 - 11:22