Се претера ли со фудбалот и дали со згуснат календар се оди во ќорсокак?

Речиси сигурно во последно време често слушате фрази од типот: „Многу фудбали секој ден бре, што е ова“? ФИФА и УЕФА со својата халапливост и алчност за профит го пренатрупаа календарот до таа мера што овој спорт полека но сигурно (ќе) ја губи дражта.

Мундијалот 2022 во Катар стартува на 21 ноември и до тогаш останаа помалку од шест месеци. Тоа ќе биде прво зимско Светско првенство поради тоа што во Катар и во ноември температурата досега до 30-ина степени Целзиусови.

Ваквиот распоред силно ќе влијае на календарите на сите национални првенства и еврокуповите. Сега станува јасно дека играчите и тренерите ќе имаат сè помалку време за одмор, а календарот ќе доживее претумбации.

Премиер лига

Ќе стартува на 6-7 август со пауза од 12-13 ноември до 26 декември. Крајот на сезоната во најсилната лига на светот е предвиден за 28 мај 2023.

Ла Лига

Планирано е да започне на 12 август со зимска пауза од 12-13 ноември до 20 декември и крај на сезона закажан за 4 јуни 2023.

Серија А

Италијанците решија да почнат на 13-14 август. Пауза ќе имаат на 13 ноември а ќе продолжат од почетокот на јануари (уште не е прецизирано до кога ќе им трае зимска пауза). Како и Шпанците, планираат на 4 јуни 2023 да спуштат завеса на калчо сезоната.

Бундеслига

Во најдобрата германска лига почетокот ќе биде пред сите други Топ5 лиги, на 5 август. Пауза германскиот фудбал ќе има од 13 ноември до 20 јануари а крајот на сезоната е планиран за 27 мај 2023.

Лига 1

Французите ќе започнат на 6-7 август како и премиерлгигашите. Исто како и во Англија, така и во Франција пауза на зима ќе има од 12-13 ноември со тоа што францускиот фудбал ќе одмора два дена повеќе, до 28 декември.

Крајот на сезоната им е предвиден за 4 јуни 2023.

За разлика од другите топ лиги каде има по 20 клубови, Бундес има 18 и поради тоа нема да има големи последици со згуснатиот распоред поради СП во Катар. Германците дури ќе им дадат повеќе одмор на играчите после Мундијалот. Цел еден месец повеќе ќе одмораат бундеслигашите на зима од премиерлигашите.

ШТО Е СО ЕВРОКУПОВИ?

Големата евросезона започнува на 10 август кога Реал Мадрид и Ајнтрахт Франкфурт ќе се сретнат во Хелсинки за пехарот од Суперкупот на УЕФА.

Во тоа време веќе на големо ќе се играат и квалификациите во Лига на шампиони кои започнуваат на 21 јуни и ќе траат до 25 август.

Првата етапа квалификации во Лига Европа ќе почне на 4 август и ќе трае до 25 август заедно со Лига Конференции која започнува на 7 јули.

Две недели по крајот на квалификациите ќе започне групна фаза во еврокупови. Шесте меча од групната фаза ќе се играат во период помал од два месеци.

Последниот натпревар од групна фаза во Лига на шампиони е закажан за 2 ноември а Лига Европа и Лига Конференции ќе завршат групна фаза ден подоцна.

Плејофот во еврокупови нема да настрада поради Светско првенство 2022. Лига Европа ќе се игра до 31 мај, финалето на Лига конференции е закажано за 7 јуни а Лига на шампиони затвора забава на 10 јуни 2023.

ШТО ВИКААТ НА ОВА ИГРАЧИТЕ И ТРЕНЕРИТЕ?

Графикот покажува дека учесниците во еврокупови ќе играат натпревари буквално на секои четири дена. Фудбалерите и тренерите не се нималку воодушевени од тоа, напротив, сметаат дека тоа би можело многу негативно да им се одрази.

Притоа треба да се има предвид дека УЕФА им го скрати бајаги одморот пред најтешката сезона со ужасно густ распоред во Лига Нации (4 меча во само 11 дена).

„Следната година не чека Светско првенство во ноември, а после ќе продолжиме да играме за клубови до јуни. Ќе има повреди. Никој не се грижи за играчите. Уште четири меча Лига Нации ќе бидат додадени за јуни после што следи двонеделен одмор. Но тоа не е доволен одмор за играчите да можат да играат на највисоко ниво во следните 12 месеци“, отворено изјави Тибо Куртоа лани.

Шкотскиот бек од Ливерпул, Ендрју Робертсон кој сезонава одигра страшно напорни 47 меча за Ливерпул вели:

„Неправедно е да се бара од фудбалерите да играат 6 пати во јуни кога нашиот одмор е предвиден поради Светското првенство кое почнува среде сезона. Во последно време многу се зборува на тема дека фудбалерите се заборавени и се надевам дека ќе им стои во глава при следно носење одлуки. Да им се остави на фудбалерите одмор само две недели за цела година е неправедно“.

8 јуни 2022 - 11:31