Сантијаго како Скопје

Главниот град на домаќинот на Копа Америка се соочува со сериозни проблеми со загадениот воздух, но не планира да ги прекине натпреварите. Здравствените организации од Чиле тврдат дека играчите вдишуваат многу лош воздух и здравјето веќе им е нарушено.

Додека Чиле го слави пласманот во полуфиналето од Копа Америка по триумфот над Уругвај синоќа, двата најголеми градови во земјата се опседнати од загаден воздух. Главниот град Сантијаго и градот Темуко се наоѓаат во црвената зона, затоа што се едни од убедливо најзагадените градови во Јужна Америка на чии стадиони се игра Копа Америка.

Сантијаго, град со над 5 милиони жители е сместен во долина и нема доволно ветер и дожд кои би ја истерале контаминацијата на воздухот, предизвикана од превозните средства и индустриските зони. И покрај сите замерки кои ги добиле, властите во Чиле немаат намера да го стопираат турнирот Копа Америка, еден од најстарите фудбалски настани во светот.

Градоначалникот на Сантијаго, Клаудио Орего изјави дека градот ги презел сите потребни мерки и дека се затворени повеќе од 800 фабрики и погони за време на турнирот. Орего додаде и дека властите одредиле денови кога нема да може да се користат автомобили. Во Чиле минатата година, како последица од загадениот воздух починале 4.000 жители.

Посебна забрана има правењето скара на отворено, традиционално доживување за Чилеанците додека гледаат фудбал. Слични проблеми со загаденоста на воздухот имаше и Пекинг за време на Олимписките игри во 2008. година.

„Зборувавме со авторитетите и можам да кажам дека додека трае турнирот ќе ја намалиме бројката на автомобили во градот за околу 300.000. Можам да ви кажам дека едно е сигурно, а тоа е дека турнирот ќе си продолжи како досега“, заклучи градоначалникот на Сантијаго, Клаудио Орего.

Сличен проблем има и градот Темуко, каде се играат натпревари од Копа Америка. Темуко е оддалечен 700 километри од главниот град, а познат е по преработката на огревно дрво. Смогот им смета на фудбалерите, затоа што кога трчаат и се заморуваат, штетните материи многу побрзо и полесно влегуваат во дишните патишта, стои во истражувањето на Универзитетот Пенсилванија во САД.

Прв полуфиналист на Копа Америка е домаќинот Чиле кој ќе игра против подобриот од дуелот Боливија - Перу. Другите четвртфинални средби се Бразил - Парагвај и Аргентина - Колумбија.

Кога игра Чиле, ни загадениот воздух не е важен, особено кога победува:

 
25 јуни 2015 - 12:52