Устата на под, воодушевувањето безгранично. Динамо никогаш и никаде не го дочекале како во Скопје. Тоа не се наши зборови, туку на сите во делегацијата на Динамо, кои не можеа да дојдат при себе после вечерата која им ја приредија домаќините.
Вообичаено е да има службен ручек на денот на натпреварот, ако односите им се пријателски и вечера ден претходно. Но оваа е за прераскажување на генерации. Кога се спремаа за службената вечера облечени во одело и кравата како што се налага од УЕФА, стигна позив од Вардар. Газдата ве вика на вечера во кафеана, ќе уживате во домашна атмосфера.
Газда е Сергеј Самсоненко, Русин кој живее 10 години во Македонија, а само поради Динамо го прекинал летувањето во Хрватска. Човекот има брод од 40 метри и се вика Вардар. Бил укотвен во Вис кога одлучил да се врати во Македонија и приредил невиден спектакл. Имало вечера со највкусна храна, а потоа било кулминација. Самсоненко го земал микрофонот и почнал да пее. Глас на супер талент. Да се натпреварува, ќе победи. Му се приклучиле и неговите соработници и почнале да наздравуваат со Динамо. Почнаа стиховите на Тоше Проески, потоа и од Здравко Чолиќ. Музичарите свиреа, а Самсоненко редеше стихови. Одеше славната „Ти си ми у крви“, во која што ги спомна Динамо, Торцида, Армада. Ги спомна сите во ист стих.
Одеднаш на линија се најде и Гоце Седлоски кој го поздрави цело друштво и потоа страстите уште повеќе се разгореа. Самсоненко почна да крши чинии, онака како што некогаш се правеше во Грција, не се да искрши, туку поради забава. Настрадаа 50 чинии, десетици шишиња, се тоа во смеење и братска атмосфера. Делегацијата на Динамо гледаше и уживаше, тешко е да се сетат кога Динамо вака некаде славел со толку позитивна атмосфера како тука.
„Вечерва славиме, но тоа не значи дека утре ќе имате попуст, ќе дадеме се за да ве победиме. Затоа што го цениме Динамо и сакаме да бидеме како вас“ им рече Самсоненко на Загрепчани.
„Не постои ништо подобро од тоа да ве победите“, рече еден од неговите соработници.
Човекот ужива во Скопје, знае јазик, зборува и хрватски, а годишно во своите играчки, ракометните клубови и фудбалскиот клуб Вардар вложува вкупно 15 милиони евра. Како ги распоредува тоа никој точно не знае, Македонците ни велат дека сепак без помош на државата и нејзините вложувања во фудбалскиот клуб Самсоненко не би можел се сам. Но генерално, тоа се малку пари за рускиот милијардер, кој е и почесен конзул во Македонија. Тоа го разликува од дел од руските олигарси, кои се персона нон грата во својата земја поради сомневање дека прават малверзации. Во основа малку се оние кои за време на престојот во Скопје не рекле „да се родиме повторно, би сакале да бидеме Самсоненко“.
Во такво расположение помина сериозниот состанок, немаше премногу разговори за регионалните лиги, младински школи и општо за фудбал. Забава на квадрат, но сигурно и основа за понатамошна соработка. Некаде во средината на ноќта се разделија и договорија нова средба во Загреб. Иако еден член од веселата делегација на Динамо ни рече:
„Да ги дигнеме на нозе сите ресторани во Загреб и сите тамбураши, не можеме да ги дочекаме како тие што не дочекаа нас“.