Кеита е роден во Арбусиес, мало место во Каталонија со само 7.000 жители, а фудбалот почнал да го изучува во Барселона на 9 годишна возраст. Тој во моментов важи за еден од најперспективните напаѓачи во Серија А, а многу лесно можеше да влезе во друштво на Меси и компанија.
Во школата на Каталонскиот тим беше 6 години, но откако на едно гостување со младинскиот тим во Катар на својот цимер му посипал мраз во креветот, од клубот не му простија и за казна го пратија на позајмица во Корнела, мал клуб кој е во нивна сопственост.
Големиот талент не се разочарал, туку шансата ја искористил на најдобар можен начин со 47 постигнати голови. Првите скаути кои го забележале биле оние на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, но зделката најбрзо ја завршиле раководните луѓе на Лацио кои го купиле за 300.000 евра.
Трансферот на Кеита кој се случи во летниот преоден рок во 2011 година се повеќе се покажува како исплатлив. Првата година тој немаше право на настап поради проблеми со документи, но минатата сезона Сенегалецот беше еден од клучните играчи во освојувањето на шампионската титула на Лацијалите за играчи до 21 година.
Иако има само 18 години Кеита сезонава доби шанса и во првиот тим на „Олимпико“ и со својот квалитет се наметнува како еден од најдобрите млади напаѓачи во Италија. Дебитираше во последните минути од мечот против Киево во септември минатата година, но на реваншот пред 10 дена беше најдобар играч на мечот со трет сезонски гол и асистенција.
Кеита со исклучок на една кавга со дефанзивецот Раду поради која беше отстранет од тим, не си игра повеќе ниту со мраз, ниту со оган. Тој е најголемата утеха за навивачите на Лацио кои се простија со лидерот на тимот Хернанес, кој во јануарскиот преоден рок премина во Интер.
Покрај деби настапот на римското дерби каде настапи како најмлад играч, тој може да се пофали и со најдобриот слалом оваа сезона во неговиот тим, кој го направи против Наполи пред околу два месеци.