Само е февруари, а Миовски веќе има 20 гола, во Шкотска е главен хит

Во минатото коло Абердин одигра 1-1 против шампионот Селтик а злато вредниот бод им го донесе Бојан Миовски, македонскиот центарфор кој игра во животнa форма во Шкотска. Синоќа постигна гол и против вториот шкотски гигант Ренџерс и отвори широка дебата околу неговата иднина.

Со новиот тренер. англискиот ветеран Нил Ворник Абердин не успеа да избегне пораз на тешкото гостување на легендарниот стадион „Ајброкс“ и загуби 2-1.

Но и покрај тоа што тимот не игра добро сезонава, Бојан Миовски продолжува да ги решета противничките мрежи. Има вкупно 20 гола и веќе го помина минатогодишниот учинок.

Штипјанецот прослави 13 гола во шкотскиот Премиершип со што е втор на листата стрелци во ова првенство, постигна уште 3 во шкотските купови и 4 во еврокуповите сезонава за Абердин. На 79 меча досега за Абердин Бојан Миовски постигна 38 гола и е веќе цел на многу големи клубови од Шкотска и Англија.

Неговата неверојатна голгетерска форма е повод што на шкотското издание на Скај Спортс стручни коментатори се чудеа како е можно ниту Ренџерс ниту Селтик досега да не го довеле Македонецот во своите редови.

Крис Сатон и Крис Бојд, двајца легендарни центарфори на Селтик и Ренџерс кои се изнадаваа голови дадоа свое видување за Миовски.

„Изненаден сум. Изненаден сум како ни Ренџерс ни Селтик не тргнаа по него. Причината зошто не? Веројатно финансии. Ренџерс потроши многу пари минатото лето“, вели Бојд кој во кариерата постигна преку 340 погодоци од кои повеќето за Ренџерс и репрезентацијата на Шкотска.

Покрај расните стрелци Бојд и Сатон, во студиото беше и Џо Луис кој на прашањето колку би чинел Миовски ладно вели: „Цена? Осум милиони фунти плус бонуси“. 

За Миовски после мечот и голот со Ренџерс со пофални зборови зборуваше и новиот тренер на Абердин, ветеранот Нил Ворнок:

„Мислам дека нема подобар од него во Шкотска. Му реков не сум видел подобар од тебе во Премиер лига ни тука во Шкотска. Може уште утре да оди во Премиер лига и да игра со кој било. Но мило ми е што е тука зошто и јас сум тука. Сезонава ќе постигне 30 гола! Му реков, мило ми е што преодниот рок се затвори. Ме имаш мене и јас те имам тебе. Супер е, добар дечко со добри навики. Обично немаш напаѓачи кои работат напорно но тој работи. Ни дава повеќе опции кога се извлекува, така што може да играме со уште еден шпиц ако сакаме“.

Бојан прави шоу: по Селтик, Миовски го матираше и Ренџерс

 

7 февруари 2024 - 09:24