Роналдо ја почнал кариерата со груб менаџер, а потоа Мендеш го зел под свое

„Неговата биографија треба да се вика Milagrero Жорже Мендеш“, рекол Кристијано Роналдо за неговиот најдобар пријател и менаџер Жорже Мендеш. Milagrero во превод значи чудотворец.

Жорже Мендеш од раната младост мислел само на фудбал и на бизнис: продавал стара облека од втора рака на бувљак во градчето Петрогал и мечтаел да заигра за Вианенсе - клуб од најниските португалски лиги.

Со текот на времето го баталил фудбалот и се свртел само на бизнис. На 30 години собрал доволно пари за да отвори видеотека, а потоа заштедил добро и го отворил ноќниот клуб Luz do Mar во селцето Камиња на границата со Шпанија.

Мендеш сакал и да пушта музика во својот клуб.

Во 1996 година во клубот дошол 25-годишниот голман на Виторија Нуно Еспирито Санто (човек кој стана тренер на Порто и Валенсија, а сега го води Вулверхемптон).

Таа вечер фудбалот одново се вратил во животот на Мендеш. Откако направиле неколку здравици, Нуно му кажал на Жорже дека сака да заигра во шпанската Примера.

Дај да пробаме да завршиме нешто“, му рекол Мендеш.

После една година Нуно преминал во Депортиво и така почнала кариерата на највлијателниот агент во светскиот фудбал.

***

Во 2001 година Кристијано Роналдо наполнил 16 години. Во фудбалот тогаш на големо почнале да се појавуваат менаџери кои ги убедувале младите таленти дека сами не можат да направат ни чекор.

Роналдо во тоа време станал најдобар играч во академијата на Спортинг и му требало добар менаџер. Заедно со мајка му Долорес му се довериле на Жозе Веига, во тоа време највлијателен човек во португалскиот фудбал.

Жозе Веига

Со негова помош, Кристијано го потпишал првиот професионален договор со Спортинг: платата му била 2.000 евра месечно, договорот траел 4 години а откупната клаузула била 20 милиони евра. 

Но брзо почнале проблемите. Спортинг доцнел со плаќањето и Кристијано заедно со мајка му се јавиле кај Вејга да го реши проблемот. А Вејга во тој момент се грижел за договорите на најдобрите фудбалери на светот во тоа време Луис Фиго и Зидан, и за младите Кварезма и Кристијано Роналдо.

Вејга бил надмен и не им помогнал многу на Долорес и малиот Кристијано. Кога Роналдо побарал од менаџерот да му даде аванс од 500 евра, Вејга ноншалантно извадил 150 евра од новчаникот. Никој не можел да ја најде причината за таквото однесување на агентот за кого се зборувало дека има тежок карактер и дека е надмен.

ПРВИОТ СОСТАНОК НА КРИСТИЈАНО СО ЖОРЖЕ МЕНДЕШ И ФАКСОТ НА ВЕЈГА

Мендеш првпат го видел Кристијано на една средба на младинците на Спортинг. Роналдо тогаш имал 17 години а од позадина „го снимал“ и еден друг португалски агент - Жорже Мануел.

„Тројцата главни таленти во академијата на Спортинг се Кварезма, Хуго Виана и Роналдо. Дајте да ги потпишеме сите тројца заедно“, му предложил Мендеш на Мануел за кого знаел дека се интересира за бисерите. Мендеш бил свесен дека нема да може лесно да ги победи конкурентите.

Мануел после некое време се откажал а Мендеш знаел дека е опасно да се нападне Вејга и да му се земат тројцата најперспективни играчи во земјата. Во случај на пораз од таа војна би можел никогаш да не се врати во менаџерските води.

До Мендеш по извесно време стигнале гласини дека Вејга се однесувал грубо со Роналдо кој живеел сам илјада и повеќе километри далеку од својот роден Фуншал.

Таква шанса Мендеш не смеел да пропушти. До првата средба со Кристијано дознал се за младиот талент. Агентите му кажале дека многу го цени семејството, своите најблиски, се и доверува на мајка му а таа е влезена во неговиот фудбалски живот.

Тоа бил клучот. Мендеш му пришол на Кристијано после еден тренинг, му се претставил и максимално културно се заинтересирал за него.

„Ајде да ручаме денес заедно. Дојдете заедно со мајка ви“ - му рекол Мендеш а Роналдо прифатил.

 

„Сè беше природно и спонтано. Жорже не сакаше по секоја цена да потпише договор со мене, туку водевме обичен разговор. Муабетевме и на крај тој кажа: ’Луѓето кои сега работат на тебе, не ја работат добро работата’.

Во ресторанот Кристијано и мајка му се запознале и со двајца пријатни луѓе кои Мендеш ги претставил како свои бизнис партнери.

Разговорот течел идеално. За разлика од надмениот и бахат Вејга, овие луѓе изгледале идеални. Се интересирале како живее семејството биле спремни да помогнат да се реши станбеното прашање во Лисабон, а не поставиле никаков ултиматум.

На крајот од ручекот Мендеш излегол на тераса со талентираниот бисер со кого веќе разговарале како да се знаат одамна иако се запознале пред половина час. Мендеш останал да руча со мајка му на Роналдо Долорес и нивниот разговор ја решил судбината на Крис.

Си дале рака и се поздравиле, а Мендеш му кажал на партнерот: „Е сега се со нас.“

После неколку дена во канцеларијата на агентот Вејга стигнал факс а на листот пишувало: „Ние ја откажуваме соработката со вас поради систематска загуба на интерес од ваша страна за подобрување на условите. Во потпис: Кристијано Роналдо и Марија Долорес Авеиро.

ПОРШЕ, КАМИОН И РАСКРАВАВЕНО УВО НА СРЕДБАТА СО ФЕРГУСОН

Откако раскрстиле со Вејга, Роналдо и Долорес очекувале многу, а Мендеш стоел на зборот. Бил многу внимателен и услужлив не само за бизнис прашања. На пример Мендеш одел кај нив на гости и се чуствувал како дома.

Од првите денови кога се запознале, Мендеш и Роналдо зборувале дека е време за чекор повеќе. Во Спортинг му било одлично но за фудбалски раст му требал поголем клуб. А Жорже во меѓувреме му завршил трансфер на Хуго Виана во Њукасл. За Кристијано сакал поголем клуб, од типот на Реал, Барселона, Манчестер Јунајтед, Интер, Јувентус...

И така Мендеш почнал со подготовки за најголемиот трансфер во својот живот. Во 2002 година дознал дека Карлос Кеирош (помошник на Фергусон во Манчестер) барал голман.

Таков клиент Мендеш немал но се сретнал со голманот Рикардо Лопез на кого не му бил менаџер но договорил средба за да ги постават условите на трансферот.

По средбата, Мендеш со своето Порше од Порто до Мадрид возел еден свој пријател кој требал да лета за Мексико. Откако го оставил пријателот, тргнал назад за Порто затоа што вечерта требал да лета за Манчестер.

Но кога поминувал кај селата Вилар и Формоза, Мендеш се извртел со својот автомобил и избегнал директен судар со огромен камион. Од незгодата излегол со голема расекотина на увото. Задниот дел од Поршето каде до пред еден час седел пријателот бил смачкан а Хорхе и неговата жена поминале без поголеми повреди.

Набрзо стигнала Брза помош, го прегледале Мендеш и морал да оди во болница на преврска. Тогаш се сетил дека го чека голем состанок со Алекс Фергусон. Одбил средба со лекар, од аптека купил завои и се преврзал. Од расеченото уво постојано му течела крв.

И таков со завој седнал во авион од Порто до Манчестер а од големиот притисок имал страшни болки. Цела ноќ во хотелот држел облоги со мраз. Немал намера да се откаже затоа што шанса за средба со Фергусон се укажува еднаш во животот. Дошол да се види со Сер Алекс кој го забележал неговото уво а на целиот состанок Мендеш кажал само четири-пет реченици.

После една година се сретнале одново. И тоа за зделката на векот.

ПРОБА НА КРИСТИЈАНО ВО АРСЕНАЛ И ПОНУДА ОД ПАРМА

Во текот на една година на Мендеш му се јавиле неколку топ клубови заинтересирани за Кристијано. Тој му рекол на младиот Роналдо кој со главата веќе бил меѓу гигантите: „Не мисли сега на пари, тоа никако не смее да ти биде приоритет во зделката“.

Жорже разгледувал трансфер во Јувентус, но Марсело Салас тогаш одбил да се пресели во Лисабон како дел од евентуална трампа меѓу Спортинг и Јуве. Набрзо се јавила и Парма: му нуделе 4 милиони евра на играчот и 4 милиони евра на менаџерот. Иако во тој момент тоа биле (а и сега се) огромни пари, Мендеш и Кристијано ја одбиле понудата.

Во име на Реал Мадрид во Лисабон дошол Рамон Мартинез. Интересна понуда на маса донел и Дејвид Ден од Арсенал, а Роналдо еднаш дури и бил на проба во Лондон каде ја видел тренинг базата на клубот и новиот стадион. Мендеш тогаш бил во Португалија и по телефон го советувал.

„Постојано ми ѕвонеше за да види некој да не ме измами. Пред базата на Арсенал дури морав и да го скријам лицето од новинарите. Се сеќавам како ми викаше по телефон: „Биди внимателен! Отворај четири очи! Никој не смее да знае дека си таму! Тоа беше лудост.“

Но и од тој трансфер не биднало ништо зошто Арсенал градеше нов стаадион и немал доволно средства.

СУДБИНСКАТА ПРИЈАТЕЛСКА СО ЈУНАЈТЕД

Во летото 2003-та година Спортинг и Манчестер Јунајтед на пријателска средба го отвораа новиот стадион „Жозе Алвеладе“. Кристијано на тој меч кој го пренесуваше „Евроспорт“ им „ја извади маста“ на Фил Невил и другите бекови на Фергусон.

Има легенда која вели дека после тој меч Фергусон рекол: „Мора одма како знаеме да го купиме.“ Сер Алекс дури и веднаш по мечот отишол да зборува со луѓето од управата на Спортинг додека играчите го чекале во автобусот да тргнат кон хотелот.

Се се решило на вечерата на која биле Мендеш и Фергусон. Услов на менаџерот бил Кристијано да мора да игра најмалку 50% од натпреварите. Тој знаел дека мала грешка на таа возраст може да ја уништи целата кариера.

Фергусон ризикувал затоа што во првиот тим на еден топ клуб во Британија никогаш не заиграл 18-годишен играч од Португалија кој никој не го знаел и кој не зборувал ни збор англиски. На крајот си подале рака.

Мендеш станал уште поблизок со Роналдо. Станале најдобри другари. Најдобриот менаџер на светот како што го викаат медиумите не пропуштил ниту една голема прослава во домот на Роналдо на кого му станал и кум.

15 години после трансферот на Роналдо во Манчестер Јунајтед, Мендеш одново направи чудо: го убеди тврдиот Флорентино Перез да го продаде Роналдо за 100 милиони евра во Јувентус.

„Неговата биографија треба да се вика Milagrero Жорже Мендеш“, рекол Кристијано Роналдо.

Milagrero во превод значи чудотворец.