Нуњо Еспирито Санто една вечер бил во лоша состојба, се однесувал како пијан човек. По завршувањето на една клупска прослава, младиот голман на Виториа Гимараеш добил збор од претседателот дека ќе може да замине ако некој понуди 1 милион долари.
После неколку дена Депортиво Ла Коруња понудил толку за голманот и Нуњо Еспирито Санто мислел дека трансферот е готов, но така не мислел и претседателот Антонио Пимента Макадо.
„Кога отидов кај него во канцеларија ми рече сега ќе бараме пет милиони долари. Кој ќе даде ќе може да те потпише. Помислив ова веќе нема смисла. Сфатив дека шансите да заминам се мали и мислев да се откажам“, се сеќава сегашниот тренер на Порто а некогашен голман во Виториа Гимараеш.
Нуњо се сеќава добро на настанот од пред 20 години. Неговиот менаџер свесно го растурил целиот апартман, расфрлал алишта насекаде и му кажал на Пимента Макадо дека неговиот клиент, голманот Санто бил во лоша состојба.
„Претседателот на Виториа дојде да ме посети, а јас се однесував како да сакам да излезам на улица. Тој праша: ’Пијан ли е?’ Кога Нуњо излегол од собата, претседателот му рекол на менаџерот: ’Земи го со себе утре. Земи го утре и не го пуштај на тестирање’.
Планот да избегаат им успеал, а името на менаџерот било Хорхе Мендез.
„Хорхе точно знаеше во кое време претседателот на Депортиво, Аугусто Цезар Лендоиро го напушта стадионот. Тој излегуваше од канцеларија, се симнуваше долу и пешачеше 100 метри до ресторанот. Хорхе реши да вози два ипол часа од Португалија до Ла Коруња само за тие 100 метри, затоа што знаеше дека тие 100 метри беа златни. Потоа возеше назад два ипол часа да ми каже“, се сеќава Нуњо Еспирито Санто на анегдотите од младоста со сега најмоќниот светски агент.
На крајот Нуњо конечно се преселил во Шпанија. Тоа бил првиот договор кој го средил Хорхе Мендез. Нуњо се знае со него од времето кога Мендез држел видеотека и дискотека.
„Заслужи. Луѓето не можат да замислат колку часа овој човек работеше. Неговата репутација денес не е фер, затоа што луѓето не го знаат него“, вели тренерот на Порто за кој отворено се зборуваше дека стана тренер на Валенсија поради пријателството меѓу сопственикот Питер Лим и Хорхе Мендез.
Најпознати клиенти на Мендез се Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо. Неговиот прв клиент во кариерата утре од клупата ќе го води Порто против Лестер во Лигата на шампионите. Фудбалскиот пат на Нуњо Еспирито Санто започнал на островот Сао Томе’ и продолжил во Португалија, Шпанија, Грција, Русија и Шкотска исто каде почнал како тренер. Има 42 години и верува дека еден ден ќе заврши во Англија.
„Зошто да не? Тоа е мојата глобална визија. Првата работа што секаде ја правев е да го научам јазикот. Можеби е така затоа што дедо ми дошол од Африка, а баба ми од едно мало селце во Португалија. Тој дошол на брот и тоа е првпат кога во селото виделе црн човек. Живеевме близу шпанската граница и со сестра ми и моите патувавме многу“, вели Нуњо Еспирито Санто.
Во јануари 1997. година Нуњо ја поминал границата за да игра за Депортиво пред да се пресели во Мерида, Осасуна, Динамо Москва и Порто. Ако „да игра“ е правиот израз, затоа што во Депортиво настапи четири пати во пет години. Го викнаа и во репрезентацијата за Европското во 2008. година со Португалија кога го замени повредениот Квим, но не заигра ниту таму. Во неговиот прв престој во Порто, ги освои УЕФА Купот и Лигата на шампионите со Мурињо но средбите ги гледал од клупата за резерви.
Подоцна во финалето на Интерконтиненталниот Куп го замени Витор Баија на голот и Порто славеше на пенали. Нуњо дури и дал гол од пенал на еден меч. Тоа било идеа на Мурињо.
„Чудно беше, не сакав да изведувам. Само ја наместив топката и распалив. Прва работа што направив откако дадов гол, отидов да го гушнам противничкиот голман затоа што знаев како посрамено се чуствуваше“, додава Нуњо за времето кога бил резервен голман.
Од тој момент Нуњо почнал да слуша, да гледа и да учи. Од секого земал по нешто. Од Мурињо на пример го учел емотивниот пристап.
„Мурињо навистина ги смени нештата. Велеше. ’Ќе победиме’ а ние гледавме во него и се прашувавме: ’Како човеков може да биде толку сигурен’? Колосално е тоа што го направи со Порто. Кога ќе освоиш такво нешто тоа ти останува во сеќавање засекогаш“.
Во фудбалот има непишано правило дека голманите никогаш не биле добри тренери, а камоли резервните голмани. Но на Нуно не само што му успеа тоа, туку стигна со Порто да ја елиминира Рома од плејофот за Лигата на шампионите и сега игра во групната фаза.
„Го гледаш мечот од добра позиција. Сите анализи што ги правам дури и сега како тренер се од камерата зад голот. Од страна перспективата е поинаква, знаеш точно колкав е просторот но не е реално. Сепак тој агол ти дава убава можност да ги видиш сите играчи на теренот. Играч никогаш не може да ја доживее средбата од тој агол“, вели тренерот на Порто кој немаше голем успех во Валенсија.