Барселона го победи Реал Мадрид по втор пат оваа сезона, а овој пат на натпревар со три пенали, црвен картон и неколку спорни одлуки на судијата. Реал Мадрид мораше половина час да игра со 10 фудбалери, а победничкиот гол беше постигнат од пенал пред крајот на натпреварот, па како што е редот, поразените имаат право да се лутат.
„Игравме против 12. Секогаш е исто. Можеби сакаа да ја вратат Барса во игра за титулата. Не барам оправдувања, но судијата не беше на висина на задачата. Ако Барса изгубеше денес, тогаш ќе беа надвор од игра. По пет години тука, разбирам како одат работите. Реал Мадрид никогаш немал помош од судии. Но без разлика на се, ние ќе ја освоиме лигата", изјави Кристијано Роналдо.
И Серхио Рамос имаше што да каже против судиите. Дефанзивецот на Реал доби црвен картон од судијата Маљенко за првиот пенал на Барса по соборувањето на Нејмар во шеснаесетникот.
„Секогаш е исто. Не го допрев Нејмар. Но нема поента да зборувам, затоа што ништо нема да се промени. Сите можат да видат што се случи денес. Има некои работи против кои не можеме да се бориме", изјави Рамос.