Феноменален двобој помеѓу Реал Мадрид и Барселона. Двете екипи по два пати беа во водство, мрежите се тресеа седум пати, а дури три пати од белата точка, Меси постигна хет-трик, Рамос доби црвен картон и на крајот Барселона победи со 3:4 и се врати во трка за титулата.
Барса поведе уште во седмата минута, но потоа Реал направи пресврт за пет минути со два гола на Бензема.
Пред крајот на првиот дел Меси го израмни резултатот, а по тој погодок дојде до кошкање меѓу Пепе и Фабрегас и двајцата заработија жолти картони. При мешаницата, Бускетс згазна на главата на Пепе, но помина неказнето.
Во вториот дел една од главните улоги на теренот ја имаше судијата Маљенко. Најпрвин тој досуди пенал за Реал и покрај тоа што Роналдо беше фаулиран надвор од шеснаесетникот. Роналдо го искористи пеналот и по втор пат го доведе Реал во водство.
Во 63-та минута Рамос заработи црвен картон по прекршокот над Нејмар во казнениот простор, а Меси од белата точка израмни на 3:3.
Седум минути пред крајот Маљенко по трет пат ја досуди најстрогата казна откако Иниеста беше срушен пред голот на Лопез.
Сигурен реализатор на пеналот беше Лионел Меси кој не само што го постигна победничкиот гол за Барселона, туку и влезе во историјата на Ел Класико. Тој по 21-ви пат во кариерата ја затресе мрежата на Реал и стана апсолутен рекордел во дуелите на овие две екипи. Ниту еден фудбалер претходно нема ни постигнато два хет-трика на Ел Класико дуелите.