Роналдо 11 месеци без гол од слободен

Реал Мадрид киксна против Виљареал и тоа беше причина статистичарите да ги земат дигитроните во рака. Последното инфо е дека најдобриот фудбалер на светот не погодил од слободен удар од минатата година.

Капитенот на португалската репрезентација не дал гол директно од слободен удар повеќе од 10 месеци. Последен пат матираше голман преку живиот ѕид на 29 април минатата година, во полуфиналето од ЛШ против Баерн Минхен. По Мануел Ноер, ниту еден голман не ја вадел топката од мрежата до денес.
 
Во меѓувреме, во Ла Лига, Кристијано последен пат беше прецизен од слободен удар против Севиља на 26 март 2014 година. Од тогаш, Португалецот шутирал дури 51 слободен удар, но не ја погодил мрежата. 21 негов шут завршил во живиот ѕид, 14 над голот, а 16 пати голманите го скротиле неговиот удар. Сезонава Роналдо ја дели одговорноста за слободни со Герет Бејл, кој даде еден гол од 12 обиди во Ла Лига.

За заедничкото време на Роналдо и Бејл во Мадрид, Велшанецот постигна четири голови од слободен удар, а Кристијано пет. Бејл стрелаше прецизно против Бетис и Севиља во Ла Лига и против Галатасарај во ЛШ лани, и против Еспањол годинава. Роналдо од слободен решеташе лани, против Севиља, Елче и Реал Сосиедад во Примера, против Баерн Минхен во ЛШ и против Осасуна во Копа дел Реј.
 
Кристијано Роналдо покажа дека е најдобриот пеналџија во Ла Лига, со дури 55 голови од 60 изведени пенали i 91,6% успешност во дресот на Реал Мадрид.