Роберто Баџо: Како би играл уште фудбал, им завидувам на денешните играчи

„Не знаете колку пати сонував да играм во мундијалското финале, да постигнувам голови и да победам за да ја развеселам Италија. Дали се помирив со пеналот? Мирот е силен збор. Тоа е нешто што не може да се избрише. Освојувањето на СП ми беше сон уште од дете“.

Најхаризматичниот и најрезервираниот меѓу италијанските легенди. Култно фудбалско име кое знаеше да те натера да навиваш за Италија. Златна топка во 1993-та и што уште не.
 
Роберто Баџо зборува за Sportweek во пресрет на новата сезона во Серија А која стартува викендов. Мајсторот со топка во Виченца, Фиорентина, Јувентус, Милан, Болоња, Интер и Бреша.

Почнува новата сезона во Серија А. Го чувствувате ли повикот на шумата? Ви недостасува ли фудбалот?

Им завидувам на оние кои уште може да играат. Јас многу сакав да играм фудбал. Понекогаш размислувам за радоста што ми ја даваше да правам одредени работи со топката. Но и на заморот од тренинзите, напорот што правеше да се чувствувам добро. Тоа чувство на задоволство што си работел напорно.

Играш уште со другарите?

Завршив со таа приказна после натпреварот за Папата Франциско во Рим, 2014-та. Таму беше и Марадона и сакав да оставам добар впечаток. Еден период одев три пати неделно за да играм во Болоња. Последниот пат кога шутирав слободни удари, на третиот многу се повредив и едвај одев, па морав да кажам: Никогаш повеќе.

Би прифатил ли богата понуда од арапскиот фудбал?

Не знам. Во мое време добив големи понуди од Шпанија, а потоа од Јапонија. Во мојата глава ја имав фиксирано репрезентацијата. Сакав да останам во Италија за да бидам постојано во синиот дрес. Инаку сакав да одам во Јапонија, но на Светското 2002.

Што мислиш за Скудетото на Наполи?

Ми се допаднаа многу. Тоа беше тимот кој најдобро ја одигра цела сезона. Играа навистина добар фудбал и се истакнаа многу силни играчи како Кварацхелија, Осимен, а многу ми се допадна и Ким. Мислам дека е добро за фудбалот да постои тим кој се разликува од вообичаените кои го освојуваат Скудетото. Морам да им честитам.

Има ли нешто овој Наполи што те потсетува на оној на Марадона?

Радоста да се игра фудбал. И не е точно дека Наполи во тоа време беше само Марадона. Имаше квалитетни играчи како Карека, Де Наполи, Карневале. Зад Диего имаше многу силен тим.

Го следеше ли летниот преоден рок? Кој се засили најмногу?

Не следев многу, но два трансфери ми останаа во глава. Тонали во Њукасл, што не очекував. Милан губи многу без него. Другиот е Фратези во Интер, играч кој ми се допаѓа и кој го пратам. Добар трансфер.

Кој го гледаш како фаворит за Скудетото?

Тешко е да се прогнозира од сега. Сите променија по нешто, особено миланезите кои се обидоа да се засилат, но ќе им треба време за да најдат вистински баланс. Наполи ќе сака да ја одбрани титулата, а Јуве ќе се обиде да ја искористи предноста и да ја вложи цела енергија во првенството. 

Ти си иконски шампион на светскиот фудбал и почитуван кај твоите поранешни ривали.

Не можам да сокријам дека тоа ми е драго. Мислам дека имав малку талент, но мислам дека бев ценет затоа што работев напорно и затоа што секогаш се однесував лојално со сите. Има една случка што ја раскажа син ми, која ме трогна. Бевме заедно на прошталниот меч на Андреа Пирло. Му пријде на еден од играчите за автограм и надминувајќи го срамот му рече: `Јас сум Леонардо Баџо, татко ми играше со тебе`. A тој со својата препознатлива насмевка му одговорил: `Не, јас сум тој што ја имав привилегијата да играм со татко ти`.

Кој беше играчот?

Еден што за жал повеќе го нема меѓу нас. Џанлука Виали. Самата помисла на него ми прави да се наежам. Син ми е роден во 2005-та, кога веќе престанав да играм, но сè уште има многу луѓе кое ме сакаат. Љубовта на луѓето и почитта на моите колеги ме исполнуваат со гордост.

Се помири со промашениот пенал во финалето против Бразил на Мундијалот 1994?

Мирот е силен збор. Тоа е нешто што не може да се избрише. Освојувањето на Светското првенство беше сон што го следев од дете, а во Америка заврши на единствениот начин на кој не ни размислував. Не знаете колку пати сонував да играм во финалето, да постигнувам голови и да победам за да развеселам Италија. Наместо тоа возот со желбите отиде наназад.

18 август 2023 - 13:49