Реал Мадрид – единствениот клуб кој е 1.000 дена на тронот на Европа

Ниту еден друг клуб во историјата не останал толку долго на европскиот врв како Кралевите кои го урнаа тешкото проклетство на одбрана на титулата во ЛШ. Потоа наредија уште една или три по ред, нешто невидено во новиот формат.

1.000 дена, 24.000 часа, 1.440.000 минути. Така изгледа јубилејот на Реал Мадрид со европска круна кој го оствари од 28 мај 2016-та до 22 февруари 2019-та. Остварување за учебниците и аналите кое ќе се раскажува засекогаш.

Период во кој освоија три европски титули против Атлетико на пенали 5:3 по регуларните 1:1 (2015/2016 во Милано), против Јувентус 4:1 (2016/2017 во Кардиф) и против Ливерпул 3:1 (2017/2018 во Киев).

Сите противници се тешки, многу тешки за совладување, но кога го имаш Зинедин Зидан како архитект на успехот од клупа и смртоносно оружје како Кристијано Роналдо, тогаш треба да се пази тој од спротива, а не Реал Мадрид.

Не е лесно да се биде на врвот 1.000 дена, остварување кое им успеало уште на само три клуба, ама во стариот формат кој се викаше Куп на Европски шампиони. Ајакс (1971 – 1973) и Баерн Минхен (1974-1976) освоија по три титули во низа, а Реал на Пушкаш и Ди Стефано пет (1956-1960).

Од ноќта на Сан Сиро, каде ја освои првата од трите по ред, Реал до сега одигра 33 натпревари во Лига на шампиони и оствари скор од 23 победи, 5 нерешени и 5 порази. На тие средби постигна 83, а прими 40 гола.

Тоа е 70% успешност во победи во кои постигнувале 2,5 голови по натпревар. Шампионски бројки, нема што.

Во текот на ова владеење, на клупата на Реал седнаа тројца тренери, иако јасно е дека успесите одат на адреса на Зидан. Тој го замени Рафа Бенитез во јануари 2016-та и од тогаш до титулата во Киев победи на 18 од вкупно 26 мечеви.

По неговото заминување летоска дојде Лопетеги, но тој беше на клупата на Реал само три натпревари во ЛШ по што дојде Сантијаго Солари кој до сега ги водеше на четири.

На страна тренерската страна на успехот, клучот на овој доминантен Реал секако дека беше Кристијано Роналдо кој ги помести границите во Лигата на шампиони каде води убедливо со 121 гол.

Португалскиот ас беше незадржлив во сите три сезони кои ги владееше како најдобар стрелец со вкупно 43 голови. 16 во првата, 12 во втората и 15 голови во третата. Успех кој не го остварил никој друг.

Финалето на Лига на шампиони сезонава е закажано на 1 јуни во Мадрид, ама на Метрополитано. Колку само би било перверзно да слават четврта титула по ред или вкупно 14-та и тоа на теренот на нивниот градски ривал Атлетико.

25 февруари 2019 - 12:00