По завршувањето на Европското 2000-та, Данецот Томас Гравесен премина од Хамбургер во Евертон и брзо стана миленик на навивачите. Важеше за бескомпромисен борец, најголем фајтер во Премиер лигата и човек кој често добиваше црвени картони. Нешто како технички подобра верзија на Џенаро Гатузо.
Во зимскиот преоден рок во 2005 година, во Реал Мадрид состојбата не беше баш најсјајна. Тренер беше ексцентричниот и луд Вандерлеј Луксембурго, а спортски директор ништо помалку незгодниот Ариго Саки.
Тогаш решиле дека идеално решение за дефанзивната задача во средниот ред би бил Томас Гравесен, Данецот кого не го бараа ниту поголемите клубови во Англија.
„Бев во кино со брат ми кога ми заѕвони мојот менаџер, па му реков: „Морам да излезам на кратко да се јавам и излегов“. Менаџерот ме праша: „Што мислиш за Мадрид“? Јас помислив дека зборува за Атлетико, па реков: „Се е во ред, ама го сакам и Евертон“, а тој ми одговори: „Реал Мадрид е, не Атлетико“. “Ааааа, Реал Мадрид?! ОК. Добро, и што викаат? Што вика Дејвид Мојс (тогаш тренер на Евертон)?“
„Менаџерот ми кажа дека се близу договор, па дека останува на нас. Тогаш мојот агент отпатува за Мадрид и зошто беше зимски преоден рок, Реал Мадрид мораше да биде побрз во трансферот. Се се случи многу експресно“, раскажува Гравесен за сајтот FourFourTwo.
Гравесен во кралскиот клуб играше со легенди како Бразилецот Роналдо, со Зинедин Зидан, со Серхио Рамос, Икер Касиљас, Робињо, Гути, Дејвид Бекам и други.
Но Данецот најчесто беше на клупата за резерви, а по заминувањето на Луксембурго и Саки од тимот, Гравесен помислил дека со доаѓањето на новиот привремен тренер Лопез Каро во Реал Мадрид, тој би добил повеќе шанса во формацијата 4-1-4-1. Но ништо ни од тоа.
Во август 2006 година, тепачка избила на тренингот на Реал Мадрид по еден жесток старт на Гравесен врз Робињо. После сите турбуленции, откако сфатил дека местото не му е меѓу најголемите светски ѕвезди, Гравесен побарал од менаџерот Џон Сивебаек да му бара чаре. Се јавиле Њукасл и Селтик, па така на 28 август 2006-та година Данецот замина на Селтик Парк во Глазгов за околу 2 милиони фунти.
Првиот гол, дебитантски за Селтик го дал во големото дерби против Ренџерс на 23 септември 2006 година.
После некое време тренерот на Селтик се пожалил дека Гравесен недоволно тренира и дека оправдано Холанѓанецот Сно му го земал местото во тимот. Данецот пак беше прикован за клупата и утехата си ја најде со враќање во Евертон, на „Гудисон Парк“ во Ливерпул.
Таму меѓу своите се задржа кратко и на 27 јануари 2009 година објави дека ја завршува кариерата. Неколку години подоцна, во 2013 година беше објавено дека Гравесен имал успешен бизнис и живеел во Лас Вегас, далеку од фудбалот.