Реал го освои 5-от трофеј во сезоната благодарение на Килијан Мбапе

Династијата на Карло Анчелоти во Реал Мадрид е импресивна. Синоќа со 3:0 ја совладаа мексиканска Пачука во финалето на Меѓуконтиненталниот Куп организиран од ФИФА. Турнир организиран за првпат во поинаков систем во и онака преполниот и веќе презаситен фудбалски календар. Ретко кој знаеше дека воопшто и се игра.

На прекрасниот стадион „Лусаил“ во Катар каде точно на ист датум пред две години се играше финалето на Светско првенство, Реал Мадрид ја победи Пачука 3-0 во финалето на Меѓуконтинентален Куп (Интерконтинентален Куп). Стрелци: Мбапе 37', Родриго 53', Винисиус Жуниор 84' (пенал).

Да нема забуни, ФИФА и досега организираше вакви турнири низ годините само што сега системот е нешто поинаков.

Претходно нам одлично познатиот Интерконтинентален Куп во организација на УЕФА и КОНМЕБОЛ се играше од 1960 до 2004-та.

Од 2000-та до 2023-та концептот се викаше Светско клупско првенство, турнир на кој доаѓаше по една најсилна екипа од секој континент. Во финалето најчесто се среќаваа екипи од Европа и Јужна Америка. Сега и натаму ќе се игра Светско клупско првенство од 2025-та, но со сосема нов концепт и тоа во летен период во САД со преку 30 клуба.

Ова синоќа во Катар, ФИФА организираше ваков турнир Интерконтинентален Куп по систем на шест шампиони од шест конфедерации. Играат првакот од азиската Лига на шампиони, африканската Лига на шампиони, шампионот од КОНКАКАФ (Северна и Централна Америка), шампионот на Копа Либертадорес, првакот на Океанија и шампионот од Лига на шампиони.

Просто кажано сите останати играат натпревари во три рунди со цел да стигнат до големото финале каде ги чека европскиот шампион од Лига на шампиони.

РЕАЛ МАДРИД ГО ЗБОГАТИ МУЗЕЈОТ

„Кралскиот клуб“ ја освои 106. титула во својата историја: дури петта само во 2024-та година! До овој пехар освоен во Катар славеа сезонава во Ла Лига, Лига на шампиони, освоија два Суперкупа (шпански и УЕФА) а сега и Интерконтинентален Куп.

Реал Мадрид по четврти пат го освојува овој пехар кој го крена и во 1960-та, 1988-ма и 2002-ра.

Килијан Мбапе постигна гол за Реал во второ финале после августовскиот дебитантски гол против Аталанта во Супер Куп на УЕФА. Килијан постигнува погодок на трет меч по ред: претходно даваше со Жирона и токму со Аталанта во Лига на шампиони. На последните седум финалиња за клуб и репрезентација има осум дадени гола од кои дури четири на овој стадион „Лусаил во Катар (хет-трик против Аргентина во финале на Светско првенство 2022 и сега против Мексиканците).

Карло Анчелоти ја освои 15-та титула со Реал Мадрид и е рекордер. Го надмина легендарниот тренер Мигел Муњоз и за цела кариера Анчелоти сега има освоено дури 31 пехар како тренер.

19 декември 2024 - 08:35