Официјалниот развод меѓу некогашниот хрватски фудбалер на Милан и овој клуб доаѓа откако од позиција насловена како ЦФО (CFO - Chief Football Officer) гласно зборуваше против директорот Иван Газидис. Од друга страна, Газидис како човек од доверба на американските сопственици, играл двојни игри.
После ова немаше назад, а сега само се решава околу начинот на кој договорот ќе биде раскинат.
Авантурата на Бобан со Милан завршува после 8 месеци. Веста доаѓа по силните зборови кои ги изнесе Звонимир Бобан.
Од една страна е извршниот директор Иван Газидис кој пред неколку месеци дојде од Арсенал, а од друга страна се Бобан, Малдини и Масара. Барањето на Бобан било апсолутна автономија за спортскиот сектор околу кој веќе некое време Газидис мешал прсти преку тимот диригенти и лични консултанти (Хендрик Алмштад и Џефри Монката, во моментов одговорни за скаутингот во Милан).
Ваквиот развој на настаните чуди, затоа што токму луѓето од фондот Елиот пред 8 месеци го убедуваа Бобан да го напушти и тоа како престижното место во ФИФА и да дојде во својот клуб.
Во меѓувреме сопствениците од Елиот и Газидис како да смениле мислење и најверојатно во Бобан и Малдини гледале имиња за јавност, да се прикажат како ете и за легендите на клубот има место, а од сенка Елиот ќе раководи со Милан по други принципи.
Бобан и Малдини сакаа да изградат силен Милан со познати и докажани играчи, додека пак Газидис инсистира на онаа визија од Арсенал кога „топџиите“ се потпираа на млади таленти а продаваа афирмирани и докажани играчи, како и на развој на бизнисот.
За ова не биле ниту Звоне ниту Паоло кои сакале искусни играчи и резултати што поскоро. Затоа Газидис и луѓето од Елиот сакале зад кулисот да спремат други луѓе а Бобан и Малдини да имаат некоја попротоколарна улога за односи со медиумите.
Бобан ова го забележал затоа што отворено изјави дека имале опструкции со Малдини и дека им ги блокирале идеите преку кратење на буџетот за преоден рок.
Факт е дека Газидис сака Милан да тргне по патот на РБ Лајпциг, но во целата таа кадровска револуција некако се помалку има Италијанци, односно прави Миланисти, легенди на клубот.
Чашата се прелила откако германски Билд објави дека Иван Газидис веќе имал усмен договор со Ралф Рањик, германскиот стручњак кој со голем успех го води РБ Лајпциг во Бундеслигата и Лига на шампиони. Рањик веќе некое време работи или како тренер или како спортски директор.
Против негово назначување беа Малдини и Бобан кои сметаа дека Милан треба да продолжи да се движи по веќе зацртана патека. Нивен фаворит за следен тренер од лето по крајот на оваа сезона беше Шпанецот Марселињо Торал кој врвни резултати направи со Валенсија.
БОБАН: МИЛАН ОБЕДИНЕТ? ВЕРУВАВ ВО ТОА ДО ПРЕД НЕКОЈ ДЕН
„Иако донесов одлука по илјада тешкотии на почеток, по културолошките разлики и различна црвено-црна страст и различни мислења, уште до пред некој ден верував дека ова е реалноста“, вели Звоне Бобан за Газета дело Спорт.
„Контакти со Рањик? Тоа што не ни најави нит ни кажа беше непочитувачки и неелегантно. Не е во стил на Милан. Барем не оној Милан на кој се сеќаваме. Како што гледам јас, обединетост значи споделување, значи респект“.
Бобан удрил и по сопствениците од фондот Елиот:
„Сопствениците треба да бидат јасни како за буџетот така и за целите“.
По се изгледа после Бобан ќе замине и Паоло Малдини, икона на Милан, кој како Франческо Тоти во Рома, не најде заеднички јазик со итало-американските фондови кои очигледно имаат многу пари, ама немаат многу слух.