Гигантот од Париз на крај победи со 6:0, но домашните играчи беа пресреќни што им се укажа шанса да се пробаат со големите ѕвезди.
ТРЕНЕРОТ НАВИВА ЗА ПСЖ ПОВЕЌЕ ОД 45 ГОДИНИ, ИМА СЕЗОНСКА КАРТА
Тренер на Лина Монлери е Стефан Кабрели. Пред мечот во Купот против ПСЖ, тој раскажал:
„Имам 52 години, а на ’Парк на Принцовите’ одам од 6 години. Чудно е што фудбалерите кои ги поддржувам цела година, сега играат против моите дечки“.
Кабрели скоро цел живот навива за Пари Сен Жермен.
„Ги памтам убавите но и лошите моменти. Ја гледав првата титула на ПСЖ во 1986-та, цртав знамиња. Одев на гостување во Италија и Англија. Ако најдам карти, ќе одам и сега против Дортмунд во Лига на шампиони. Единствен важен меч кој сум го пропуштил беше ПСЖ - Реал Мадрид во 1993-та година (четвртфинале на Куп на УЕФА). Имав карта, но чекав да ми се роди ќерка“, вели Кабрели.
Тој својот мачор го нарекол Златан, во чест на легендата кој се изнадава голови во дресот на ПСЖ.
„Жена ми сакаше мачка а јас долго време одбивав да чуваме. Кога ја земавме, во тоа време за нас играше Ибрахимовиќ па мачорот го нареков Златан“.
Уште поинтересно е што поради тоа што поседува сезонски билет за натпреварите на ПСЖ, на мејл му стигнало писмо за да резервира место за гостинската трибина на мечот од Купот со Лина Монлери.
ЛИНА МОНЛЕРИ Е ПРВ КЛУБ НА НДОМБЕЛЕ, ПСЖ ГИ ПОКАНИЛ НА МЕЧ ОД ЛИГА 1
Тимот кој го води Кабрели, е наречен во чест на соседните градчиња Лин и Монлери кои се наоѓаат на 32 километри од Париз и имаат вкупно 7.000 жители. Од 2009 до 2011 година за овој клуб играл и репрезентативецот на Франција и денес играч на Тотенхем, Танги Ндомбеле.
Иако клубот стигна до поодмината фаза во францускиот Куп, немал страница ниту на француската Википедија.
Повеќето од играчите имаат друга работа и професија, а фудбалот го играат аматерски. Против ПСЖ на теренот имало фармацевт, водоводџија, електричар и курир.
Капитен на Лина Монлери е Јохан Рока. Тој од 2000 до 2004 година играл во младинските категории на ПСЖ.
„Многу сум емотивен, имам толку многу сеќавања и само добрите ги памтам. И јас навивам за ПСЖ“.
Иако не заиграле Икарди, Нејмар и Мбапе, во тимот на ПСЖ имаше сериозни имиња.
„Сакавме да играме против сите ѕвезди но среќен сум што го видовме Кавани. Тој е познат играч. Покрај тоа, многу добар човек е што ретко се среќава во професионалиот свет“, вели тренерот на Лина Монлери.
Токму Кавани во неделата постигна 2 гола против Лина Монлери.
Два даде и Сарабија, а 17-годишниот Адил Аушиш (прв гол за првата екипа) и Чупо-Мотинг постигнаа по 1 гол. Стадионот беше преполн а домаќините имаа шанса да дадат гол од пенал, но го промаши Идриса Кануте.
„Керер и Идриса Геј ми ги дадоа дресовите. На Рико (голманот на ПСЖ) не му го барав дресот зошто ми го фати пеналот. После кажа дека гледал видео од мојот последен пенал и знаел како ќе шутирам. Сакав да го изведам во стилот на Нејмар. Решив да шутирам во средина. Бев нервозен но соиграчите ме поддржаа. Од дете немам промашено пенал. На крај и онака изгубивме, мечот брзо заврши. Разлика во физичка спремност? О да, и тоа каква. Јас едвај стојам на нозе. Ме воодушеви Дрекслер како работи со топка и додавањата на Паредес. Се надевам дека ова искуство ќе не направи појаки. Дадовме максимум и задоволни сме“, рекол Идрис Кануте.
Клубот Монлери продал 15.000 влезници а секоја карта чинела по 10 евра што значи дека заработиле многу добро. Освен тоа, претседателот на ПСЖ Насер Ал-Хелаифи го поканил клубот на домашниот меч на Парижаните против Дижон во Лига 1.
Тренерот на Лина Монлери ќе оди во секој случај зошто има сезонска.
„Во еден момент се фатив себеси како си пеам со ултрасите од Париз. Неверојатен настан за секој навивач на ПСЖ“, рекол тренерот после мечот.