Целиот проблем настанал кога пеачката М.И.А. во спотот за песната Граници (самата е режисер), посветена на тешкиот живот на мигрантите, носи дрес од ПСЖ. Притоа на дресот наместо натписот Fly Emirates стои Fly Pyrates.
„ПСЖ е еден од петте најважни фудбалски клубови во Европа. Имаме голем аудиториум на друштвените мрежи ширум светот, околу 21 милиони следбеници на Фејсбук“ - напишал претставникот на ПСЖ во писмото доставено до Универзал Мјузик.
Парижаните бараат да се спречи неовластеното користење на грбот на ПСЖ и бараат надомест на штетата, затоа што според нив не е коректно клубот да биде поврзан и да асоцира на малтретирање на мигранти. Во писмото до продукцијата, тие додаваат дека донирале 1 милион евра во УНХЦР (агенцијата за бегалци при ОН).
Пеачката во спотот ја критикува политиката на западните земји кон мигрантите. М.И.А. стана позната во 2008. година со хитот Paper Planes, кој се појави на саундтракот за филмот Slumdog Millionaire (Милионер од улицата).
„Нашата униформа го привлече вниманието на јавноста и медиумите после спотот на МИА. Изгледа дека таа незаконски ги искористила нашата популарност и углед за да ја зголеми атрактивноста и профитот", стои на крајот од писмото на ПСЖ.
Како реагираше пеачката М.И.А.?
„Спотот за песната Граници почна на денот кога се одржа церемонијата во чест на жртвите од терористичкиот напад во Париз. Тогаш одлучив Ајфеловата кула да биде на мојата маичка како знак на поддршка", напиша М.И.А. на Твитер и го обвини ПСЖ за цензура и лицемерие.
Во последните неколку денови, нејзиниот твит доби многу ретвитови и пораки на поддршка со занимливи предлози.