Клоп станал тренер на 33 години и правел шоу во Мајнц каде испиша историја

Упорноста на најдобриот тренер на денешницата била видлива уште првпат кога седнал на тренерската клупа. Успеал да направи цел град да го засака клубот, ја подигнал посетеноста на стадионот, а екипата играле фанатично борбен фудбал.

Во средината на '90-те години Мајц бил еден од првите клубови во Германија кој преминал во зонска одбрана со четворица играчи во линија. Иницијатор на ова бил 44-годишниот Волфганг Франк. Поради него Клоп ја засакал тренерската професија.

Јирген, како капитен на Мајц често ги разгледувал тактичките идеи на Волфганг. Заедно ја проучувале играта на легендарниот Милан со Малдини и Барези (Франк го обожавал Саки и сакал неговиот тим да игра така).

После секој меч двајцата останувале, пиеле пиво и на салфетки цртале формации. И покрај иновацијата, Франк Волфганг за 4 сезони не успеал да го внесе Мајнц во Бундеслига и во 2000-та заминал во Дујзбург.

После него Мајнц два пати по ред утнал со тренери. Во сезоната 2000/2001, Белгиецот Рене Вандерејкен го отпуштиле после 5 порази по ред, а неговиот наследник Екхард Краутцун истуркал 9 меча. Непрофесионализмот на последниов го убедил Клоп дека е спремен за тренер.

„Тој воопшто не се разбира од фудбал. Секој ден ми ѕвони и бара да му ја објаснам тактиката. Ми здодеа веќе. И плус таман се одвикнавме од играта со либеро, тој проба пак да ја врати. Што да се очекува?“, му се жалел Клоп на спортскиот директор на Мајнц Кристиан Хајдел.

А овој му одговорил: „Јирген, мислиш ли дека можеш да ја тренираш екипата?“ -Да, секако“, одговорил Клоп.

Јирген подоцна признал дека прифатил само затоа што неговата играчка кариера била практично готова, а морал да го издржува семејството.

ПРОМОЦИЈАТА НА КЛОП ГИ ИЗНАСМЕАЛА НОВИНАРИТЕ НА ПРВАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА, НО ИГРАЧИТЕ ОДЛИЧНО ГО ПРИФАТИЛЕ

Како што се сеќава Хајдел, на презентацијата, кога дошле со Клоп во прес-центарот, играчите мислеле дека тоа е шега и се смееле, а кога сфатиле дека не е шега и дека Клоп е претставен како главен тренер, уште погласно се смееле.

Јирген го презел Мајнц на 33 години. Немал ни тренерска лиценца (ја стекнал после две години), ни искуство во новата професија, но никој не го знаел клубот подобро од него (10 сезони и 340 меча во сите натпреварувања како играч).

Харизматичниот Клоп не им се лутел на новинарите, туку и самиот правел шеги на своја сметка. „Така дечки, сега треба да зборувам за нешто, а што не знам. Дајте нешто“, им рекол.

Пред неколку години, во интервју за Гол.ком, Клоп признал: „Секако, тешко ми беше да ја завршам играчката кариера зошто Мајнц тогаш беше најдобар од сите години додека јас играв. Но бев уверен дека моите тренерски замисли ќе проработат. Требаше само да се убедат играчите“.

Фудбалерот од среден ред на Мајнц, Сандро Шварц се сеќава на тој период: „Ние не почувствувавме никаква дистанца после неговото назначување. Се шегувавме со него како и претходно, му се обраќавме на ти. Пред Клоп да стане тренер никој не веруваше во нас, а ние со него почнавме да победуваме и да уживаме во фудбалот. После првите 10 дена работа со Јирген, Мајнц избегнал од зоната за испаѓање.

Тој се вратил во формација 4-4-2 без либеро и инсистирал на пресинг. Спортскиот директор Хајдел бил воодушевен:

„Никогаш претходно јас не видов толку мотивирани играчи на Мајнц“.

Јирген како тренер дебитирал на мечот против Дујзбург (на 28 февруари 2001 година). Како побогат и поголем клуб во тој момент, со подобри играчи, Дујзбург бил фаворит, но Мајнц победил 1:0.

На мечот против Хановер во 29. коло од Бундеслига (триумф од 4:2 после негатива од 0:2 во 12-та минута), екипата покажала карактер поради што Клоп на враќање ги однел играчите во ноќниот клуб Euro Palace во предградието на Мајнц и таму славеле победа. Јирген со играчите пеел и пиел до сабајле.

КЛОП ПОБЕДИЛ НА 6 ОД ПРВИТЕ 7 МЕЧА СО МАЈНЦ И ГО СПАСИЛ КЛУБОТ ОД ИСПАЃАЊЕ

Во последното коло од сезоната 2000/20001 Мајнц изгубил на гостување кај Мајнхајм со 4:0 но тоа никој не го интересирало затоа што веќе се спасиле и обезбедиле опстанок едно коло претходно.

Управата на Мајнц на враќање од Мајнхајм организирале неколку големи брода и им предложила на навивачите (околу 3.000 души) да се вратат дома по реката Рајна и заедно да прослават опстанок.

Хајдел и Клоп извадиле пива на бродот и разговарале за иднината. После овој разговор спортскиот директор сфатил дека тешко ќе биде да се задржи Јирген уште долго.

Најглавно, Клоп на клубот му ја донел љубовта од градот. „Мојата екипа претставува склоп на обични ликови од бар. Навивачите сакаат да се бориме и ние се бориме“, рекол еднаш денес најдобриот тренер на светот.

Клоп секое коло правел шоу. Многу навивачи почнале да го следат Мајнц само за да видат како нивниот поранешен капитен беснее во техничката зона крај аут-линијата. 

Статистички - пред Клоп Мајнц имал ваква просечна посетеност: 7.225 гледачи во 1998/1999, 7.515 во 1999/2000 и 6.042 во 2000/2001. Со Клоп: 9.867 навивачи во 2001/2002, 12.903 во 2002/2003, 14.809 во 2003/2004 (пласман во Бундес).

ВО 2001-ВА КЛОП ГО СОСТАВИЛ СТРУЧНИОТ ШТАБ КОЈ ДОЛГО ЌЕ ГО СЛЕДИ: ЖЕЉКО БУВАЧ (ТАКТИЧКИ ГУРУ) И ПЕТЕР КРАВИЦ (ВИДЕОАНАЛИТИЧАР)

Во првите неколку години од тренерската кариера, Јирген не бил доволно запознаен со „тимбилдинг“ и мотивација, па му требале луѓе кои подлабоко се занимаваат со тактика и рушење на противничката игра.

Во летото 2001 Клоп во својот штаб го викнал својот другар Жељко Бувач со кој заедно играа во Мајнц во средината на '90-те („Не ми треба никој помошник освен него“, и рекол на управата).

Жељко се вратил во Мајнц после една година тренерска пракса во аматерскиот Нојкирхен. Србинот ги водел тренинзите и му давал совети на Клоп за стартниот состав.

А Кравиц правел видео-анализи уште од времето на Волфганг Франк и му укажувал на Клоп за грешките во одбраната. Интересно, Јирген почнал да игра фудбал како напаѓач (трет стрелец е во историјата на клубот со 56 гола), а Франк го ставил десно во одбраната зошто му требал помошник на теренот кога се префрлале на зонска одбрана.

Кравиц станал главен скаут на Мајнц. Можно е дека овој клуб со него станал прв во Германија којшто во видеоформат ги анализирал противничките натпревари.

Последните 19 години Клоп го води Кравиц секаде со себе (Мајнц, Борусија Дортмунд, Ливерпул). А Жељко Бувач пред две години го напушти штабот на Ливерпул порадни несогласувања со Јирген и сега е спортски директор на Динамо Киев.

УШТЕ ВО ПРВАТА СЕЗОНА ЗА 1 БОД НЕ ГО ВНЕЛ МАЈНЦ ВО БУНДЕСЛИГА

Сезоната 2001/2002 Клоп ја почнал со 10 победи во првите 12 меча. Таквиот старт ги шоирал сите затоа што клубот имал далеку помал буџет од фаворитите за пласман во елитата.

Мајнц една третина од сезоната бил лидер, завршил прв на полусезона, но на коло до крајот бил втор со 64 бода (тогаш три екипи од втора лига влегувале во Бундес).

Екипата имала 2 бода предност пред третиот и четвртиот, Арминија и Бохум и кикснале во последно коло против Унион Берлин. Поразот од 3:1 со примени голови во 82' и 90' минута го чинеле Мајнц голем пласман. Тоа било првпат во историјата еден тим да освои 64 бода, а да не влезе во Бундеслига.

Кога го примиле вториот гол, стрелецот Костадин Видолов демонстративно трчал кон гостинската клупа и му покажувал на Клоп да замолчи, а од трибините кон Јирген полетало пластично шише како одговор на тоа што во декември претходно Клоп го нарекол Унион Kloppertruppe (екипа која игра грубо и касапски). Се испоставило дека тоа биле зборови на новинарот н а Berliner Kurier, а Клоп не рекол такво нешто.

Најбесен од сите бил спортскиот директор Хајдел кој рекол: „Ќе се вратиме во Берлин како бундеслигаши“. Ривалитетот меѓу Унион, симболот на Источна Германија и комшијата од Запад бил голем.

После мечот, навивачите од Берлин фрлале со лименки пиво по автобусот на Мајнц и Јирген тогаш го ставил Унион на списокот клубови кои ниикогаш не би ги тренирал.

Во 1997-ма година Клоп пропуштил шанса да влезе во Бундес како играч, а сега како тренер. На враќање дома екипата била пречекана со аплаузи и знаме: „ГОРДИ СМЕ НА ВАС“:

УСПЕАЛ ДА ГО ВНЕСЕ МАЈНЦ ВО ЕЛИТНАТА БУНДЕСЛИГА И ЕДНАШ РЕКОЛ ДЕКА ТОА МУ Е ПОГОЛЕМ УСПЕХ ОД ЛИГА НА ШАМПИОНИ СО ЛИВЕРПУЛ

Следната година, Мајнц одново го снајде трагедија во последно коло. Но тогаш им фалеше само еден гол повеќе. Нивниот главен конкурент Ајнтрахт Франкфурт кој играл паралелно, во судиско продолжение му дал два гола на Ројтлинген (победа од 6:3) и благодарение на подобра гол разлика влегол во Бундеслига.

(Клоп дознава за последниот гол во Франкфурт)

На првиот тренинг за следната сезона дошле 10.000 луѓе. После два неуспешни обиди, Клоп им одржал мотивациски на играчите. Им рекол и дека ако трет пат по ред не успеат да влезат во Бундес, тој ќе заврши како тренер.

Во сезоната 2003/2004, Мајнц првпат во историјата се пласираше во кремот, во богатата Бундеслига.

Интересно, таа сезона била бодовно најслаба во тренерската кариера на Клоп во втора лига. Имале 54 освоени бода. На крајот во последно коло го растуриле Ајнтрахт Трир и завршиле како трети.

Славјето во градот траело 5 дена.

„Победата во Лига на шампиони е огромен успех. Но пласманот со Мајнц во Бундеслига во 2004-та е нешто посебно за мене. Имавме ограничен буџет, јаки противници и мала но сплотена екипа. Никој и ништо не може да се спореди со тој подвиг“, изјави Клоп лани во интервју за официјалниот сајт на Бундеслига.

Следната 2004-та година Јирген Клоп решава да го доведе нашиот Николче Новески кој дотогаш играше во Ерцгебирге Ауе. Подоцна, за прошталниот меч на Битолчанецот, кој цели 11 години го носеше дресот на Мајнц и стана клупска легенда со најмногу настапи за екипата во Бундеслигата, Клоп рече:

„Игравме во втора лига против Ауе. Во сеќавање ми е останато дека тогашниот претседател Уве Леонхарт, кој мислам дека му е брат близнак на сегашниот претседател на Ауе, зборуваше: Новески е нашиот гладијатор. Видовме дека Новески е модерен одбранбен играч, кој не само што е атлетски граден, туку е и добар фудбалер. Никогаш не го исцрпи целосно фудбалското во себе, затоа што е личност каква што е. Повеќе беше давател на услуги кој ги добива дуелите. Екстремно доверлив, извонреден.“