Прв триумф на Милан во нокаут фаза после 9 години, Баерн го освои Париз

Во прекрасна вечер во осминафинале од Лига на шампиони, на „Сан Сиро“ Милан го совлада Тотенхем и покажа дека излегол од длабоката криза, а Спарс по дебаклот од Лестер претрпеа уште еден пораз. Во Париз, Баерн со идентичен резултат како во финалето на ЛШ 2020 го совладаа ПСЖ. Ист беше и стрелецот.

МИЛАН - ТОТЕНХЕМ 1:0 (1:0)
/Браим Диаз 7'/

Италијанскиот шампион, верувале или не, после цели 9 години заигра во нокаут фаза на Лига на шампиони, турнирот кој после Реал Мадрид го освојуваше најмногу.

Росонерите вечерва за противник го имаа Тотенхем кој во својот состав има бројни ѕвезди, а од клупата е предводен од Антонио Конте, но во англиското првенство игра во очајна форма.

Уште во најраната фаза од мечот, во 7' минута по еден центаршут на Тео Ернандез (капитен на Милан), Браим Диаз постигна убав гол за 1-0. Овој резултат остана до крајот, така што тимот на Пиоли во Лондон на реванш ќе оди со минимална, но вредна предност.

Тотенхем на реваншот ќе биде без суспендираните стопери Кристијан Ромеро и Ерик Дајер кој вечерва добија парни жолти картони, па ќе го пропуштат возвратниот дуел.

ПСЖ - БАЕРН МИНХЕН 0:1 (0:1)
/Коман 53'/

Вечерва во Париз победи подобриот тим. Германскиот првак уште од стартот на мечот покажа дека е решен да го добие овој двомеч и одново да ја покаже својата класа.

Килијан Мбапе почна од клупата за резерви но влезе во вториот дел, а Меси и Нејмар не беа доволно расположени да го совладаат новиот бр. 1 голман на Баварците, Зомер.

Иако во првиот дел гостите од Минхен создадоа неколку зрели шанси, сепак резултатот го отворија во 53' минута кога некогашното дете на ПСЖ, Кингсли Коман одново беше кобен за својот матичен клуб.

Коман и во 2020-та година во големото финале на Лига на шампиони му го урна сонот на ПСЖ, а така беше и вечерва пред преполн „Парк на принцови“.

На центаршут на Алфонсо Дејвис, Коман биеше по земја а Донарума беше немоќен.

До крајот Парижаните се обидоа да израмнат, Галтие реагираше и освежи од клупата но триото Меси-Мбапе-Нејмар немаше сили да донесе макар реми.

Баерн на реваншот ќе има огромна предност пред своите навивачи, но ќе биде без стоперот Бенжамин Павар кој доби црвен картон во 90+2' минута од судиското продолжение.

Рекорден ќар од карти за Милан и Италија

16-годишно дете играше за ПСЖ со Баерн и стана најмлад во историја на ЛШ

14 февруари 2023 - 22:57