РОДЕН 5 МЕСЕЦИ ПОСЛЕ ДЕБИТО НА МЕСИ
Во јули 2022-ра година Ворен Заир-Емери потпишал договор со ПСЖ, а од август лани поставил неколку рекорди. Прво стана најмлад играч кој настапил за ПСЖ во француска Лига 1, па најмлад стартер во Лига на шампиони, а во февруари влезе во историјата како најмладиот стрелец на гол - постигна погодок против Монпеље.
Претходниот тренер на ПСЖ, Маурисио Почетино го внесе во првиот тим на 15 години.
Дебитираше на пријателска средба на подготовките, а официјалното деби го имаше на 6-ти август 2022-ра кога влезе од клупа за резерви на гостинскиот меч со Клермон кој ПСЖ го доби 0-5. Со 16 години и 151 ден стана најмлад играч кој настапил за ПСЖ. Претходно тој рекорд го држеше стоперот Битшијабу кој уште е во тимот.
Во Лига на шампиони малиот Ворен Заир-Емери првпат заигра на 25 октомври лани во триумфот 7-2 против Макаби Хаифа.
Официјално прв старт во првите 11 го имал на 7-ми јануари годинава во Купот на Франција кога ПСЖ со 3-1 го добил Шатеру.
Интересно Меси во Ла Лига дебитирал во октомври 2005-та а Заир Смит уште не бил роден, се родил пет месеци подоцна. Во 2023-та Лео и Ворен Заир-Емери играат заедно за ПСЖ.
Од детство изгледал многу зрел со топката. Татко му, Франк раскажувал дека не мислел син му да го праќа во фудбал додека не го загледал на еден детски турнир. Заир-постариот исто играл на тој меч и кога му дал една долга топка, се зачудил како малиот ја примил на гради.
Франк не само што играл, туку и раководел со една аматерска екипа во париските квартови. Така и малиот Ворен набрзо почнал да тренира со возрасни играчи.
„Според пасош има 16 години, но во игра е многу позрел“, вели Хозе Алкосер кој ја води јуниорската репрезентација на Франција и кој ги носел децата на Европско за млади во Израел. Заир-Емери бил во составот со поголеми деца.
ОДЛИЧНО ВЛАДЕЕ СО ДВЕТЕ НОЗЕ, БРЗ Е И МНОГУ ВРЕДЕН
Заир ги собрал сите комплименти на возрасно ниво. Бафоде Диаките, еден од првите тренери на Ворен во ПСЖ тврдел дека малиот талент е многу вреден.
Емери првпат во ПСЖ тренирал со У-11, со деца до 11 години. Игра во средниот ред уште од тогаш се двоел многу од своите соиграчи па набрзо го прекомандувале во повозрасна категорија.
Антони Вивиен, човекот кој раководи со академијата на ПСЖ, рекол за Емери дека е многу скромен. Според неговите зборови, Заир игра како веќе да има дваесет и пет години.
Малиот има совршен дриблинг и по оценка на многу стручњаци има дриблинг во движење што е права реткост, а има и прецизен и силен шут од далечина. Одлично е спремен физички и важи за многу брз фудбалер.
Тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие во летото 2022-та го зел Заир-Емери на турнеја во Јапонија со првиот тим. Во февруари годинава после голот на малиот Ворен против Монако, Галтие рекол: „Ми треба конкуренција во составот. Ако 16 или 17-годишен играч е најдобро спремен за натпреварот, ќе добие минути на терен“.
Пред мечот со Баерн во Париз, L'Equipe го стави во составот како десно крило во формација 4-4-2, а лево Карлос Солер. Ворен беше на најголем предизвик во кариерата, да се справи со неверојатниот лев бек на Баерн Алфонсо Дејвис.
Интересно, токму Баерн Минхен го следел Ворен Заир-Емери додека се уште не потпишал професионален договор со ПСЖ, но клубот од Париз навремено го задржил својот најголем талент од својата школа.