
Вработените во јавниот сектор и сите јавни служби имаат неработен ден во Перу. Причина за тоа е што од 20 часот по Средноевропско време репрезентацијата на оваа земја ќе игра решавачки меч од баражот за пласман на Мундијалот 2022 во Катар.
Станува збор за натпревар од интерконтинентални квалификации.
Австралија претходно во баражот од азиските квалификации го совлада ОАЕ со 2:1 и влезе во финале каде ги чека Перу кој заврши петтопласиран во јужно-американските квалификации на КОНМБЕБОЛ. На 14 јуни ќе се одигра уште еден меѓуконтинентален бараж меѓу Костарика и Нов Зеланд.
Костариканците го освоија четвртото место во квалификациите на КОНКАКАФ, а Нов Зеланд лесно победи во квалификациите на Океанија.
Со оглед на тоа што се игра само еден меч, перуанската влада решила да го оживее националниот дух и на сите свои граѓани да им овозможи несметано да го гледаат мечот.
Според перуанско време, натпреварот почнува во 13.00 часот.
По традиција, перуанските шамани направија необична церемонија. Група од 13 шамани спровела ритуал во главниот град Лима на еден локален рид каде покрај своите стандардни предмети и инструменти донеле и тимска фотографија од Австралија и од нивниот Перу.
Додека некои свиреле на традиционалниот духовен инструмент путуто, направен од морска школка, останатите шамани со железни мачеви ја стискале фотографијата на која стојат австралиските репрезентативци.
„Извршивме перуански обред за победа. Се собравме 13 шамани зошто играме на 13 јуни. Прорековме дека Перу ќе оди на Светско првенство. Перу ќе оди во Катар зошто ние со употреба на ајуаска (халуциногено растение кое шаманите го користат за „разговор со духовите“) видовме радост на луѓето“, раскажал шаманот Валтер Аларкон.
НЕРАБОТЕН ДЕН ПОДДРЖАЛЕ СИТЕ ОСВЕН МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА
За предлогот на владата за неработен ден во понеделник на 13 јуни гласале сите присутни освен министерот за економија кој се наоѓал во посета на САД.
„Советот на министри реши да го прогласи овој ден за неработен за да народот може да го гледа мечот од баражот со оптимизмот кој го имаме во него. И секако за да ги мотивираме луѓето да се соберат, да излезат на улици и да се обединат околу заеднички настан. Овој натпревар го гледаме како настан кој ќе подари чувство на единство, патриотизам и национален идентитет“, изјавил министерот за култура на Перу, Алехандро Салас.
Од стопанската комора во Лима предупредиле дека поради ова земјата која и онака е во голема финансиска криза, оваа одлука би можела лошо да се одрази на економијата.
„Не се согласувам со тоа. Ние сме оптимистична влада и сметаме дека победата на Перу и пласманот на Светско првенство ќе ја реактивира економијата на земјата и ќе го подигне духот на нацијата. Го гледаме ова како прилика за засилување на националниот идентитет и заедништво“, додал министерот за култура на Перу, Салас.
Интересен факт: На Светски првенства Перуанците два пати направиле сензација, во 1970 и 1978. Првиот пат влегле во четвртфинале и изгубиле од идните шампиони на тој Мундијал. Го имале одличниот шпиц Теофило Кубиљас кој постигнал вкупно 10 гола на тие две Светски првенства.