ШТО СЕ СЛУЧИ?
Авионот British Aerospace 146 управуван од страна на боливиската авиокомпанија Ламија полетал на релација Санта Круз (Боливија) – Меделин (Колумбија). Кога се доближувал до аеродромот околу 3:15 по полноќ, пилотите загубиле контакт со контролата на летање откако претходно пријавиле електрична грешка. Тогаш се наоѓале во планинска област.
ЖРТВИ И ПРЕЖИВЕАНИ
Колумбиската агенција за катастрофи соопшти дека загинале 71 патник, а не 75 како што беше првично пренесено во медиумите. Во авионот се возеле 77 патници бидејќи четворица патници не се појавиле на летот.
Од вкупниот број на жртвите 19 се фудбалери на Шапекоенсе, 17 се членови на стручниот штаб, 8 раководни лица и 20 новинари. Четворица од шестмината преживеани при падот се фудбалери.
- Дефанзивецот Алан Рушел има сериозни повреди на р`бетот.
- Дефанзивецот Хелио Земпер е повреден во главата и градите.
- На резервниот голман Џексон Фолман на му е ампутирана ногата.
Првиот голман Маркос Падила познат како Данило беше извлечен жив, но подоцна почина во болница. Деветмина играчи не се качија во авионот, некои поради повреди, други поради суспензија. Синот на тренерот кој исто така е нивни играч не отпатува бидејќи си го заборавил пасошот дома, а третиот голман побара и доби да биде ослободен за да го прослави роденденот со семејството.
ПРЕТПОСТАВКИ ЗА НЕСРЕЌАТА
Има две претпоставки за причините за несреќата: Проблеми со електрониката или поверојатно недостаток на гориво. Можеби дури и сплет на причини бидејќи според досегашните информации познато е дека по пријавувањето на итен сигнал поради електрични проблеми, летот 2933 од компанијата Ламија го одбил барањето за принудно слетување.
Авионот веројатно го истрошил горивото додека чекал да добие одобрување за слетување. Тој кружел со ниска брзина пред да се сруши, а тоа било регистрирано од кулата за летање во Меделин пред да го загуби контактот и плус не експлодирал при ударот. Анализата на црните кутии кои се пронајдени треба да го даде конечниот одговор.
КОНТРОВЕРЗИ
Во меѓувреме се појавија и сомнежи за адекватноста на авионот, малиот BAe 146 со четири мотори. Фудбалерот Мигуел Борха кој игра за Атлетико Национал, кој требаше да ги пречека Бразилците изјави дека патувал со истиот авион, но дека во себе се чувствувал кошмарно.
„Се плашевме бидејќи се работи за мал авион кој е принуден континуирано да врши дополнување на гориво“.
КОЈ Е ШАПЕКОЕНСЕ?
Фудбалскиот клуб Шапекоенсе полета да го одигра најважниот меч во својата историја откако за прв пат обезбеди пласман во финалето на Копа Судамерикана. На 30 ноември беше закажан првиот меч против Сан Лоренцо на гости, а на 7 декември реваншот.
Основан во 1973 година, бразилскиот тим во моментов е 9-ти на табела во првата бразилска лига каде се наоѓа од 2014-та и не е на ист ранг како познатите Сао Пауло, Флуминенсе и Крузеиро. Годишниот буџет им е 12,5 милиони долари.
Минатата недела стана првиот бразилскиот тим во последниве три години кој се пласираше во второто по ранг клупско јужноамериканско натпреварување кое за жал нема да го одигра.
СОЛИДАРНОСТ
Директорите на Коритиба, Коринтијас, Палмеирас, Португуеса, Сантос и Сао Пауло ветија дека ќе им помогнат со позајмување на играчи и напишаа петиција до Фудбалската федерација на Бразил да му обезбедат на клубот сигурност дека нема да испадне во втора лига во следните три години.
За реконструкција на клубот се понудија и аргентинските клубови кои соопштија дека се достапни за продажба на играчи.
Шапокоенсе постои можност да го крене трофејот во Копа Судамериката бидејќи финалистот Атлетико Национал потврди дека тоа го побарале од КОНМЕБОЛ. Брзилската фудбалска федерација даде предлог трофејот да го поделат и двата финалисти и на тој начин Шапекоенсе во 2017-та ќе доби директен пласман во Копа Либертадорес, каде веќе е пласиран Атлетико Национал.
ДРУГИ НЕСРЕЌИ СО British Aerospace 146:
- Во 1991 година со истиот тип на авион се случи авионска несреќа во Чиле во која загинаа 20 од вкупно 73 патници.
- Во 2006-та ваков авион се урна и во Норвешка поради наводна грешка со системот за сопирање. Загинаа четворица.