Претседателот на Баерн инкогнито пазари во фан-шопот, за да го провери квалитетот

Интересна вест од баварскиот гигант. Почесниот претседател на клубот Ули Хенес таинствено купува разни работи од официјалните клупски продавници и од некои не бил задоволен.

Како што пишува Спорт Билд, Хенес неколку пати купувал предмети во клупскиот магазин за да лично се увери во нивниот квалитет или некои од неговите роднини купува од продавниците на Баерн.

71-годишниот Ули лично го проверувал квалитетот на четкиците за заби со обележја на Баерн и други секојдневни предмети. Дури и еднаш спиел на постелина купена од фан шопот и после некое време се пожалил дека брзо се кине.

Таков педантен однос кон работите Ули Хенес немал само во клубот туку и во компанијата «HoWe», фабрика која што фактички ја управуваат син му и ќерка му.

Почесниот претседател и жива легенда на Баерн Минхен планирал и натаму да купува предмети од фан шопот со цел на клубот да му ја врати познатата девиза Mia san Mia („Ние сме ние“). Тој полека го враќа клубот на стабилни нозе по турбуленциите со Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ.

„ПОТРЕБЕН Е МИР, А НЕ НЕСОГЛАСУВАЊА КОИ ЦАРУВАА ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ“

Ули Хенес откако лично инсистирал да се отпуштат Кан и Салихамиџиќ кои добија откази, решил посилно да влијае на сите процеси во Баерн. На почетокот на месец јуни раскажал дека ултрасите дошле кај него дома во Тегернзе со цел да побараат да воведе ред во клубот.

Барањето на навивачите наишло на позитивна реакција кај Хенес кој постојано зборува дека на Баерн му требаат спокој и стабилност. Ули заедно со Карл-Хајнц Румениге е во надзорниот одбор на советот на клубот каде што има уште осум луѓе меѓу кои и Херберт Хајнер.

Хенес неодамна го прокоментирал и отказот кој го доби Оливер Кан.

„Многу сум разочаран зошто мислев дека тој може да се справи со оваа работа благодарение на својата индивидуалност но наместо тоа, тој се опкружи себеси со советници. Нам ни треба спокој а не несогласувања кои царуваа во последно време“.

Хенес исто кажал и дека новинарите ќе добиваат помалку информации од Баерн. Изминатата сезона имаше многу превирања на релација тренер Нагелсман, голман Нојер, други лица од стручниот штаб, управа. Неколку пати Баерн беше невообичаено оцрнуван.

„Клубот може да се смири, сè е совршено тивко. Еднаш неделно се собираме во широк круг и ги разгледуваме сите прашања. Тоа за што зборуваме не го објавуваме јавно. Знае само една мала група и тоа е во корист на нашата работа“, вели Хенес кој сака да го врати Баерн каде што му е место, на светскиот врв.

14 јули 2023 - 09:20