Во мај 1998 година легендарниот претседател на Реал Мадрид Лоренцо Санз го сменил телефонскиот број. Во новиот ги имал бројките 05-20-98 - датумот кога плачел од радост и во микрофон рекол: „Сега можам да умрам мирно. Конечно го освоивме највредниот пехар“.
Лоренцо Санз ова го изјави на теренот на „Амстердам Арена“ веднаш после победата во финале на Лига на шампиони.
Реал Мадрид до тој момент немаше освоено Куп на шампиони уште од времето на Сантиаго Бернабеу, повеќе од 30 години. „Кралевите“ освоија Куп на УЕФА, но им фалеше пехарот во Лига на шампиони. Конечно Санз им го донесе.
СТАНА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕАЛ ВО 1995 И СТАНА КРАЛ НА ТРАНСФЕРИ
Лоренцо Санз никогаш не учел економија. Тој бил најстаро дете во семејството. Баба му на времето носела и продавала пијалаци на стадионот на Реал.
Лоренцо во младоста работел како бербер, штедел и во '60-те години отворил мала фабрика за тапети.
На почетокот на '80-те години работел кај Блас Пињар - лидер на шпанските неофашисти после смртта на Франко. Стекнал многу познанства и ги претворал во пари.
„Тоа беше време на недвижнини и Санз знаеше како да се офајди. Познанствата во Градскиот совет на Мадрид му даваа инсајдерски информации за урбанистички планови. Во својата прва мега зделка тој купил здание за 352 милиони пезети, а истиот ден го продал за 600 милиони. Тие чуда продолжиле и натаму. Во '90-те купил земја во вредност од 13 милиони долари а после шест дена станало јасно дека реонот ќе се менува урбанистички и парцелите вределе 38 милиони“, пишувал весникот Levante El Mercantil Valenciano.
ОД МАЛ БИЛ ВЉУБЕН ВО РЕАЛ
Во детството Лоренсо ги гледал сите домашни натпревари на Реал Мадрид (баба му го земала со себе кога продавала освежителни пијалаци). Како и сите, така и тој мечтаел да влезе во гигантот, но за разлика од сите, тој од сиромашно дете построил милионски бизнис и го остварил сонот.
Во 1985-та Санз поседувал хиподром и таму се запознал со Рамон Мендоза - претседател на Реал Мадрид и љубител на коњски трки. Се здружиле и Санс станал директор во Реал.
Со текот на времето напредувал и го избрале за потпретседател.
МУ ЈА ВРАТИЛ СЛАВАТА НА РЕАЛ МАДРИД
Во средината на '80-те Реал Мадрид два пати по ред го освои Купот на УЕФА и тоа беа први европски трофеи за славниот клуб за цели 19 години!
Тоа го сметале за знак за ренесанса но препородот не се случил. Во ноември 1995-та Реал бил должен 115 милиони долари, Мендоза дал оставка. Главен станал Санз.
„Не сакам и не сметам дека местото претседател на Реал е поважно од министерското како Мендоза, но го исполнив својот сон. Ова е еден од најсреќните денови во мојот живот“, рекол Санз.
Првите главни промени се случиле на трансфер пазарот. Во последните 5 години Реал купуваше ѕвезди - Лаудруп, Хаџи, Заморано но ретко повеќе од една ѕвезда годишно. На трансфер менито доминираа играчи кои не се очекуваа во клуб на вакво ниво, како и уште неостварени играчи.
Причината била проста - со 115 милиони долари колку што должел Реал дури и Малага можела да стане шампион. Ниту една влада во тоа време немала толкав долг. Реал немал никаква шанса за заеми а да се покријат старите требале десетина година. Како и повеќето шпански и јужно-американски клубови, така и Реал му припаѓа на сопствените навивачи (socios).
Реал немал пари за ѕвезди и таквата состојба го ограничувала талентот на Санз кого го сметаа за крал на преговорите.
„Санз во душа е спортски директор. Не само што договара трансфери, туку и сам следеше некои играчи, работеше буквално како тренер. Постојано патуваше за да види можно засилувања. Лично решаваше за трансферите“, се сеќава новинарот на Marca, Марио Естрела.
Во кризна ситуација, Санз нашол излез. Испумпал свои лични пари во Реал.
„Не размислувам за пари. Пари никогаш доволно за претседателот да зема плата. Ова место отвора многу врати но јас никогаш нема да го користам клубот. Реал е моја дрога. Тука сум да им ја вратам надежта на луѓето“, викал Санс.
НАПРАВИ СЈАЈНА ЕКИПА СПРЕМНА ЗА ТРОФЕИ
Претседателот на Реал го купил Мијатовиќ кој постигна неверојатни 34 гола во една сезона за Валенсија. Го доведе и Давор Шукер кој заби 68 погодоци за последните три сезони во Севиља и беше најдобар стрелец во Лига.
Во прес-салата на Реал се редеа нови фудбалери: најдобриот голман во Европа за 1991 Бодо Илгнер, Панучи, Роберто Карлос, Сидорф и Зе Роберто. Седум класни играчи.
Санс ги договарал ѕвездите побрзо од ривалите од Каталонија и ја освои Ла Лига со нов тим.
„Сè што добив и му дадов на Реал е благодарение на Санз. Мојот трансфер од Интер беше еден од најбрзите во историјата. Лоренсо ги договори сите детали за 10 минути“, раскажал еднаш Роберто Карлос.
Санз фактички му подарил 50 милиони долари на саканиот клуб и го вратил на врвот.
ВО 1998-МА РЕАЛ ВЛЕЗЕ ВО ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ НО БЕШЕ АУТСАЈДЕР
Вложеното му се исплатеше на Санз после две години. Во сезоната 1997/1998 со Хајнкес на клупата Реал Мадрид имаше одлична победничка серија и само еден пораз на 10 меча во Лига на шампиони (кога веќе обезбедија пласман, изгубија од Розенборг).
Но дури ни тогаш Реал не беше фаворит во финалето. За противник го имаа моќниот Јувентус кој ја освои Серија А пред Интер со Роналдо во составот и влезе во четврто европско финале по ред!
Двајца од тројцата најдобри играчи на светот во тој момент, Зидан и Дел Пјеро, главниот голман на '90-те Анџело Перуци и пит-булот Давидс.
„Никој не мислеше дека ќе стигнеме до финалето. Не бевме фаворити. Јуве го освои скудетото, играше трето финале по ред, а ние останавме без трофеј во Ла Лига. Два различни тима. Имавме само голема мотивација“, памети Предраг Мијатовиќ.
Како и во секој голем клуб, така и во Реал имаше играчи кои уште не беа во својот пик на кариера, имаше ветерани спремни за пензија. Имало и кланови во соблекувална, а питомиот Хајнкес не успеал да се справи со конфликтите. Реал на хартија немаше никаква шанса.
На Санз најмногу му се замерувало што повеќе бил навивач отколку претседател: како и сите навивачи тој ги обожавал своите играчи.
Лоренцо Санз како претседател на Реал Мадрид сменил 8 тренери за 4,5 години (Владано, Иглесиас, Дел Боске, Капело). Играчите знаеле дека им е дозволено повеќе од тренерите и тоа било проблем.
„Недела дена пред финалето со Јуве му заѕвонив на Хајнкес и прашав каква е работата. Јуп ми договори дека е лут и не сака да работи со оваа група фудбалери. Тогаш јас собрав седум-осум фудбалери и им кажав: „Јуп чувствува дека нема да победиме во финалето зошто со вас не може да се работи. Се однесувате како разгалени деца“.
Пред мечот Мијатовиќ бил главен мотиватор: „Дечки, сега сме овде и кој знае кога пак ќе играме финале. Дајте да дадеме сè што можеме да победиме.“
Јувентус напаѓаше и се редеа шанси на Дел Пјеро, Инзаги, Зидан, Дешам но Бодо Илгнер го спасуваше Реал.
Сè се реши во второ полувреме. Пипо Инзаги не даде гол од шест метри, на Дел Пјеро му кренаа офсајд кога излезе еден на еден со голманот иако офсајд немаше, а после се случи една од најспорните епизоди во историјата на финалињата на ЛШ.
Во 67' минута Мијатовиќ собра една топка по шут на Роберто Карлос, го дрибна Перуци и од пар метри даде гол во празната мрежа. Пеѓа беше пет метри поблизу до голот од другите играчи на Јувентус кои се најдоа во кадар. Уште не е јасно дали Мијатовиќ во време на ударот на Карлос беше во офсајд.
Гол вреден историски пехар во Лига на шампиони и исполнување на сонот на цела една генерација навивачи на Реал Мадрид.
Лоренцо Санз плачел од среќа. „Пред два дена му ветив на кралот дека ќе му го донесам пехарот на дворот“, изјави Санс после мечот. После две години ја освои и втората Лига на шампиони како претседател на Реал.
****
На 21 март 2020, 76-годишниот Лоренцо Санз умре како последица на коронавирусот. Тој осум дена одбивал да оди на хоспитализација и симптомите ги лекувал со парацетамол.
„Болниците се преполни, татко ми не сакаше да зазема нечие место на клиника“, рекол некогашниот фудбалер на Реал Мадрид и син на големиот Лоренцо, Фернандо Санс.
„Благодарение на Санс Реал Мадрид доби место во учебниците по историја“, рекол на комеморацијата Флорентино Перез. „Тој го освои седмиот и осмиот пехар во Лига на шампиони за нас. Изгубивме голем мадридист кој својот живот го посвети на семејството (постариот син на Санс играше за кошаркарскиот клуб Реал, помладиот за фудбалскиот клуб, а ќерка му се омажи за Мичел Салгадо). Неговата љубов кон Реал засекогаш ќе биде жива. Никогаш нема да го заборавиме неговото наследство“.