Треската на летниот преоден рок во поголем број земји заврши синоќа, а најбогатите клубови на континентот и овој пат се однесуваа недомаќински. Како по некое непишано правило, најмногу трошеа клубовите од англиската Премиер лига кои заедно потрошија повеќе од милијарда евра.
Богатите Емирати, сопственици на Манчестер Сити дадоа зелено светло од касата без дно да се извадат дури 204 милиони евра на засилувања што е своевиден рекорд. Само на троица играчи, Де Брујне, Стерлинг и Николас Отаменди, Граѓаните проарчија 182 милиони евра.
Над 100 милиони потроши и Ливерпул кој ни летово не знаеше за доста. Кристијан Бентеке од Астон Вила и Роберто Фирмино од Хофенхајм најмногу го чинеа Ливерпул.
Во останатите европски лиги се истакна ПСЖ кој за Анхел ди Марија на Манчестер Јунајтед му плати неверојатни 63 милиони евра. Во Германија и натаму неприкосновен лидер по трошење е Баерн Минхен кој летово издвои 86 милиони евра на засилувања, во желба да го врати европскиот пехар на Алијанц Арена.
Гвардиола најголем дел од буџетот го потроши на Чилеанецот Артуро Видал од Јувентус (37 милиони евра) и Бразилецот Даглас Коста од Шахтјор (30 милиони евра).
Како секоја година, така и летово последниот ден на пазарот го одбележа сензационалниот трансфер на 19-годишниот напаѓач на Монако, Антони Марсиал за кого Манчестер Јунајтед наводно платил дури 50 милиони евра. Овој трансфер би требало да се официјализира вечерва до 19:00 часот, до кога трае трансфер рокот во Англија.
На Олд Трафорд имаше метеж и при заминувањата, затоа што после пет години Хавиер Ернандез Чичарито го напушти Јунајтед и потпиша со Баер Леверкузен.
Иако овосезонскиот преоден рок беше гласен и со многу потрошени пари, сепак не го надмина минатогодишниот. Лани рекордер беше Луис Суарез за кого Барселона на Ливерпул му плати 81 милиони евра, а веднаш зад него беше Хамес Родригез за кој Реал одвои 80 милиони евра. Летово, титулата најскап трансфер ја доби Белгиецот Кевин де Брујне со 74 милиони евра.
ТОП 10 трансфери 2015/2016
1. Кевин де Брујне (Волфсбург - Ман. Сити ) 75 милиони евра
2. Анхел ди Марија (Ман. Јун. - ПСЖ) 63 милиони евра
3. Рахим Стерлинг (Ливерпул - Ман. Сити) 62,5 милиони евра
4. Кристијан Бентеке (А. Вила - Ливерпул ) 46,5 милиони евра
5. Николас Отаменди (Валенсија - Ман. Сити) 44,6 милиони евра
6. Роберто Фирмино (Хофенхајм - Ливерпул) 41 милион евра
7. Артуро Видал (Јувентус - Баерн М.) 37 милиони евра
8-10. Матео Ковачиќ (Интер - Реал М.) 35 милиони евра
8-10. Џексон Мартинез (Порто - Атлетико М) 35 милиони евра
8-10. Морган Шнајдерлин (Саутемптон - Ман. Јунајтед) 35 милиони евра.