Премиер лигата со најмногу странци, Серија А со најстари играчи

Според најновото истражување на Интернационалниот центар за спортски студии од Швајцарија, во Европа е зебележан нов рекорд од 36,8% странски фудбалери кои настапуваа во националните првенства.

Оваа фудбалска опсерваторија (CIES) Швајцарците ја прават шеста година по ред, а се состои од разни споредби и рекорди во фудбалот кои се прават во 31 првенство во Европа со 472 клубови и 11,653 фудбалери.

Резултатите покажуваат дека за разлика од минатогодишното истражување сега има поголем број на иселеници фудбалери. Најмногу се застапени во Премиер лигата која се состои од 60,4% на странски играчи. Споредено по клубови најмногу ги има во Интер каде настапуваат дури 89% странци.

И покрај тоа што во периодот од 2009 година па до денеска бележи мал пад на продадени играчи во Европа, Бразил и натаму е земјата која најмногу извезува фудбалери, а таа бројка изнесува 471. На втората позиција е Франција со 306 играчи кои заминале во некое европско национално првенство. Ова бројка е поголема за 59 играчи во однос на минатите пет години.

Нов рекорд во 2013 година е забележан во однос на трансферите и тоа во просек по 10,2 по клуб. Најмногу се купувале играчи во Јужна и Источна Европа. Кипар пазарел во просек по 14,1 играч во клуб, а Шведска е последна со 5,5.

Премиерлигашките состави имаат најмногу фудбалери, во просек по 26,8 во екипа, а италијанскиот фудбалски шампионат го држи бројот на највозрасни со просечна старост од 27,3 години.

Клубовите кои најмногу ја градат иднината со таленти кои тренирале во своите академии се шведските кои имаат речиси 40% свои деца, а нив најмалку ги има во италијанските екипи кои се состојат од само 8,4% на такви играчи.

Во истражувањето може да се забележи дека Барселона и Манчестер Јунајтед се екипите со најконстантни состави. Играчите на шпанскиот актуелен првак се во просек по 5,5 години во истиот тим, а во Јунајтед 5 години.

21 јануари 2014 - 13:04