По првото коло во Премиер, Бундес, Ла Лига, Серија А, Лига 1 и Ередивизија, англиските и германските стадиони и натаму го држат водството кога посетеноста на стадионите е во прашање.
И покрај високата цена на влезниците, во првото коло од најдобрата англиска лига, стадионите ги посетиле дури 388,681 гледач од 394,831 слободни седишта или високи 98,4% посетеност. Следува земјата на актуелниот светски шампион со 93,6% зафатени столчиња по стадионите. Како лани, така и годинава германската Бундеслига е главен ривал на англиската Премиер лига.
Покрај одличните услови на стадионите, Бундеслигата сезонава ги адаптираше и цените на влезниците, по што четири клуба ги распродадоа сите сезонски карти. Баерн Минхен, Келн, Хановер 69 и Борусија Дортмунд се тимовите кои ќе имаат максимална поддршка годинава.
Најпосетен стадион во првото коло од англиското првенство бил „Олд Трафорд", каде поразот на Јунајтед од Свонси (1-2) го видоа 75, 635 гледачи. Само 296 седишта на „Трафорд" останале празни.
Сезонава одлично се посетени и шпанските стадиони, каде отворањето на Ла Лига го виделе 69,3%, а најлош просек и натаму има Серија А со мизерни 55,8% посетеност. Медиумите од Апенините пренесуваат дека причината за лошата посета лежи во очајната инфраструктура на стадионите, кои се во сопственост на градовите.
Натпреварот Торино-Интер бил повеќе посетен од дербито Милан-Лацио во првото коло од Серија А. Најмал број гледачи го следеле дуелот Удинезе-Емполи (7,889), натпревар одигран на стадионот Фриули кој има 30,000 седишта.
Во Шпанија, новиот прволигаш Еибар, спонзориран од локалната фабрика за производство на метал, во првото коло го исполнил стадионот кој прима 5,713 гледачи, само 5% од капацитетот на „Камп Ноу".